Димитров се сретна со Помпео и Мичел

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес во Вашингтон имаше средба со државниот секретар на САД, Мајкл Помпео.

Ова е прва средба на министерот Димитров со државниот секретар Помпео, по неговото стапување на функцијата во април оваа година, на која беа разменети мислења за актуелните внатрешно-политички состојби и надворешно-политички приоритети на Република Македонија.

Министерот Димитров истакна дека со својата конструктивна политика и остварени резултати, Република Македонија докажува дека заслужува да стане полноправна членка на НАТО. „Македонија е следната тула на заедничката евро-атлантска куќа“, рече министерот Димитров. Притоа, ја нагласи важноста на натамошната американска поддршка на овој пат. „Во регион кој сеуште се соочува со значајни отворени прашања, успехот на една земја е позитивен знак и поттик и за другите земји“, нагласи Димитров. Македонија ќе стори сè за да придонесе во создавањето на регион во кој земјите ќе споделуваат заедничка европска иднина и во кој границите нема да се важни.

Секретарот Помпео упати честитки за напредокот кој го постигна Република Македонија во изминатиот период, како на планот на внатрешните реформи, така и во односите со соседите, особено со постигнувањето решение на спорот околу името. Истакна дека земјата се наоѓа пред нов, многу значаен предизвик, кој доколку биде успешно надминат, ќе биде јасен сигнал за заокружување на започнатиот процес што треба да кулминира со членство на Македонија во НАТО. Притоа, нагласи дека поддршката на САД ќе остане силна, бидејќи САД ги препознаваат напорите на земјата и ќе продолжат да го помагаат патот кон НАТО и ЕУ.

По средбата со секретарот Помпео, министерот Димитров имаше одделна средба и со помошникот државен секретар за европски прашања, Вес Мичел.

Мичел упати честитки за потпишувањето на Спогодбата помеѓу Република Македонија и Грција и потенцира дека САД силно ги поддржуваат напорите на Владата на Република Македонија во имплементација на Спогодбата и заокружувањето на процесот на зачленување во НАТО.

Министерот Димитров имаше и одделна средба со вршителот на должноста заменик на помошникот државен секретар за европски прашања, Метју Палмер. 

 

 

 

 

22.08.2018 - 11:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега