Шилегов: Со прскањето не се доцнеше и потребно е време за да дејствува средството за комарци

„Инсистирав авионите кои ќе летаат над Скопје и средството да бидат што е можно најбезбедни за граѓаните, затоа и ги сменивме. До лани градот прскал со руски авион произведен во 1926 година, едномоторен. Да пуштиш 90 години стар авион да лета над Скопје, а со еден мотор, за мене е малку неодговорно. Особено ги имам предвид упатствата кои се дадени од ЕК или европскиот стандард, каде прелет над населено место на едномоторни воздухоплови не е дозволено. Тоа е во функција на зголемување на безбедноста. Тоа е единствената новина, што ги сменивме авионите. Овие се и побезбедни, потивки, помодерни од тие претходно што беа користени“, вели во интервју за МИА скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Тој вели дека со прскањето не се доцнело и потребно било да бидат исполнети определени временски услови за да дејствува средството врз комарците. „Тоа се најмалку три сушни денови пред прскањето и најмалку два потоа. Во врнежливиот период сепак успеавме да најдеме два термина во кои беше извршено прскањето. Првото беше од 5 до 8 јули, а второто од 16 до 20 јули. Не сме излегле надвор од рутината, од веќе утврдената постапка на Град Скопје и надлежните институции на државно ниво, од протоколите за тоа како се третираат комарците во Скопје.

Факт е дека големата влажност и зелената вегетација кои беа на почетокот на летото придонесоа кога дојде до нагло затоплување, по 1 август па наваму, да дојде до масовна појава на комарците. Поради тоа, пак, го зголемивме интензитетот на прскањето во текот на изминатиот викенд. Се прскаше четири дена и веќе проблемот со комарците во Скопје не е на толкаво ниво. Не велам дека ги нема, комарци секогаш ќе има, но не е како масовна појава“, вели Шилегов во интервјуто за МИА.

 

 

 

 

17.08.2018 - 09:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега