Седници на шест собраниски комисии

Денеска во македонското Собрание седници ќе одржат комисиите за здравство, за труд и социјална политика, за еднакви можности на жените и мажите, за прашања на изборите и именувањата, за култура и Законодавно-правната комисија.

Комисијата за здравство ќе расправа за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала во прво читање. Членовите на Комисија за труд и социјална политика ќе расправаат за Предлог-законот за дополнување на Законот за вработување и работа на странци и за Предлог-закон за правда на децата, двата во прво читање.

На дневен ред на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите е Стратешка рамка за соработка на комисиите за еднакви можности на жените и мажите на национално и локално ниво, а Комисијата за прашања на изборите и именувањата ќе го утврдува предлог за избор на членови на Судскиот совет на Република Македонија.

Членовите на Комисијата за култура ќе расправаат за Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права, во прво читање.

На дневен ред на Законодавно-правната комисија се предлог-законите за претворање на побарувањето на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во друштвото Тутунски Комбинат АД Прилеп, за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, за изменување на Законот за судовите, сите во прво читање.

Членовите на Комисијата ќе расправаат и за предлог-законите за прекршоците, за правда на децата, за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, сите во прво читање.

На дневен ред на Комисијата се и предлог-законите за изменување и дополнување на законите за инспекциски надзор, за трговија, за дополнување на Законот за вработување и работа на странци, сите прво читање, како и Утврдување на Пречистен текст на Законот за минерални суровини.

Предлогот дневниот ред е дополнет со предлог-законите за ратификација на Договорот помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина за измени и дополнувања на Договорот помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина за екстрадиција, за ратификација на Третиот дополнителен протокол на Европската конвенција за екстрадиција, за ратификација на Договорот помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина за измени и дополнувања на Договорот помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина за меѓусебно извршување на судските одлуки во кривичните предмети во второ читање, за изменување и дополнување на законите за спортот, за  авторското право и сродните права, за лековите и медицинските помагала, трите во прво читање.

Во дополнетиот дневен ред се и барањата за давање на автентично толкување на членовите 13 и 14 од Законот за радиодифузната дејност, поднесено од пратеникот Борче Ставров и за давање на автентично толкување на член 20 став 3 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти, поднесено од градоначалникот на општина Штип, Илчо Захариев. 

18.09.2013 - 08:28

најчитано сега