Уште еден Албанец загина во борбите во Сирија
Во борбите во Сирија, загина уште еден Албанец од Балканот. Станува збор за Пајтим Олури, 22 годишен од Коримир кај Липљан. Се уште нема детали во кој град и битка бил убиен Олури, јави порталот Алмакос.
Халид Малиќај, 31 год. од Тирана, Ермал Џело од Валона, Ниметулах Имери,38 год. и Сами Абдулаху од Скопје, Расим Зеќири од Гостивар, Муаз Ахмети, 23 од Прешево Наман Дамоли од Косово, се само дел од имињата на Албанците кои до сега се убиени во воените дејствија против режимот на претседателот Башар Ал Асад.
За тоа колку Албанци од Балканот војуваат во Сирија нема точен број, но според тврдењето на Ахмад Трад, поранешен пилот на сириската армија, а сега припадник на армијата која се бори против Асад за Слободна Сирија, која војува на периферијата на градот Идлебит, Албанците не се дел од бунтовниците, туку од радикалните фундаменталистички групи кои се борат за уривање на режимот на Асад и создавње исламска држава и Дамаск да биде центар на Калифатот, онака како што било пред илјада години.
Тој ова го потврди во телефонска изјава во емисија на тиранската телевизија, демантирајќи ги досегашните тврдења дека Албанците се борат на страната на бунтовниците.
Во емисијата беше изнесен податок дека по слободна проценка Албанците таму ги има над 500, а има и дваесеттина убиени.