Заев со владина делегација на Самитот на шефови на држави и влади на НАТО во Брисел
Македонска владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев, денеска и утре, ќе учествува во работата на Самитот на шефови на држави и влади на НАТО во Брисел.
Во состав на делегацијата се и заменик-претседателката на Владата и министер за одбрана, Радмила Шекеринска-Јанковска, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров и националниот координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО, Стево Пендаровски.
Според агендата, попладнево премиерот Заев ќе има обраќање на настанот „НАТО ангажмани: Дијалози на Самитот во Брисел“, по што ќе замине на свечената вечера на шефови на држави и влади на земји членки, и на шефови на држави и влади на земји членки и партнери, што ја организира премиерот на Белгија Шарл Мишел.
Во текот на утрешниот ден, премиерот Заев и македонската владина делегација во новото седиште на НАТО, ќе го отпочне учеството на официјалниот дел од агендата на самитот.
Премиерот Заев во придружба на вицепремиерот Османи и министрите Шекеринска и Димитров, ќе учествува на состанокот на Лидерите на земјите членки и партнери во формат РСМ „Решителна поддршка", на ниво на шефови на држави и влади.
Агендата на годинашниот Самит на шефови на држави и влади на НАТО оваа година во Брисел во четврток предвидува прес-конфереција на генералниот секретар Јенс Столтенберг, и церемонија на врачување на поканата за започнување на пристапните преговори за членство во НАТО за Република Македонија.
Премиерот Заев и членовите на владината делегација за време на дводневните активности на Самитот на НАТО во Брисел ќе имаат повеќе билатерални средби и ќе верификуваат повеќе декларации и документи за соработка со земји членки на НАТО.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа