Триесет дена притвор за дел од уапсените во „Фаланга 2“

Истражниот судија при Основниот суд Скопје 1 им одреди триесетдневен притвор на деветмина обвинети во акцијата „Фаланга 2“.

Во притвор ќе одат обвинетите И.Б, Д.М, К.В, А.К, Ш.С, З.Т, А.К, А.С, Т.Ц и А.П , додека обвинетите З.Н, З.Б, Т.И и С.М, по предлог на Јавното обвинителство заработија превентивна мерка да јавуваат кај надлежен државен орган.

Овие превентивните мерки ќе траат додека има потреба, а најдолго до правосилно завршување на постапката.

Истражниот судија не се произнесе по однос на предлогот за определување притвор на обвинетите Д.Ш и К.Б. Одлуката ќе се донесе по прибавување на известување од МВР дали овие двајца обвинети во моментов се наоѓаат на територијата на Македонија и дали се достапни за судот.

Основното јавно обвинителство Скопје за гонење на организиран криминал и корупција поднесе барање за спроведување истрага со предлог за определување на мерка притвор И.Б, Д.М, К.В, Д.Ш, А.К, З.Н, З.Б, Т.И, С.М, Ш.С, К.Б, З.Т, А.К, А.С, Т.Ц и А.П, поради постоење на основано сомнение да сториле кривично дело Злосторничко здружување, кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, тешка кражба и кривично дело прикривање.

Во полициската акција „Фаланга 2″ беше разбиена криминална група која ископувала предмети со културна и археолошка вредност, за потоа да ги продава во Македонија и странство. 

Дел од криминалната група биле и четири лица вработени во Управата за заштита на културното наследство, Музејот на Македонија, Музејот во Демир Капија како и полициски службеник од Велес.

Групата ископувала предмети од археолошки локалитети на територијата на Свети Николе, Демир Капија Кавадарци и Скопје. Во групата која беше разбиена од МВР има и двајца Срби кои ги купувале артефактите за потоа да ги продаваат во западноевропските земји.

Во "Фаланга 2" беа приведени 14 од пријавените лица. Засега не се достапни двајцата Срби, а три лица и претходно се пријавувани во врска со истата истрага.

најчитано сега