Активистиките за женски права бараат итна помош за мајката која го остави бебето пред Домот во Битола
Наместо да се тужи и суди малолетната родилка од Тетово која го остави бебето пред Домот за доенчиња во Битола, време е да се почне системски да се работи за поддршка на жените и девојчињата што се соочуваат со непланирана бременост, бараат активистките за права на жената, по најавите од полиција дека малолетната мајка кривично ќе се гони, објави САКАМДАКАЖАМ.
Како што информираа од СВР Битола, против малолетната родилка, која своето бебе го оставила пред Домот за доенчиња во Битола е поднесена кривична пријава за злоставување на дете.
Вработените во Домот за доенчиња велат дека не паметат друг ваков случај претходно, бидејќи сите ги носеле децата запазувајќи ја стандардната процедура.
Извори од битолската полиција за СДК.мк изјавиле дека малолетната тетовчанка веќе дала изјава во полициската станица во Тетово, дека заедно со маж и жена во неделата дошле до Домот и го оставиле детето.
Ана Василева, феминистка и членка на неформалната иницијатива „Бори се женски“, за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека случајот со младата родилка од Тетово повторно на површина ја донесе склоноста кон стигматизација на жените од институциите и општеството во целост. За неа е несфатливо како од сите можни виновници за непосакуваниот исход, иако детето било оставено токму пред институција која е законски задолжена да го згрижи, системот, односно во случајот МВР, одлучува да покрене обвинение и најголемата вина да ја лоцира во најслабата алка, односно во дете што нема наполнето 18 години?
„Во состојба кога немаме речиси никаква системска поддршка за жени и девојчиња жртви на насилство, вклучително и сексуално, немаме речиси никакво сексуално образование, абортусот е отежнат, а жените што прекинуваат бременост се стигматизирани како чедоморки, и институционалните услови за одгледување деца од самохрани родители се ужасни, општеството е настрвено да ги стигматизира, исклучува, изложувајќи ги нив и нивните деца на уште поголем ризик од насилство”, вели Василева.
Таа апелира до институциите наместо да ја тужат и судат родилката, што побрзо да ѝ обезбедат психо-социјална поддршка и помош.
„Да направат проценка на нејзината околина, доколку се оцени дека е изложена на некаков ризик од насилство, веднаш да ја отстранат од заканувачкото опкружување. Да ја информираат за опциите што ги има, па ако реши да го задржи детето да ѝ се пружат услови да го одгледува, а доколку не, да се најде семејство за посвојување или згрижување”, вели Василева.
Статистиката покажува дека во европските земји бременоста кај деца под 18 години се движи околу 6,5 проценти, а кај нас стапката се искачува до 20 отсто. Според Државниот завод за статистика, во 2016 се породиле 26 девојчиња на возраст до 15 години. Бројот на родилки од 15 до 18 години годишно се движи над 1.300. 12 проценти од родените бебиња во Македонија се вонбрачни.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа