Нови 8 моста ќе го олеснат сообраќајот во Скопје

Скопје ќе добие осум нови моста кои ќе им го олеснат движењето на граѓаните и кои ќе го скратат патувањето меѓу двете страни на реката Вардар, пишува Дневник,

Некои од мостовите ќе бидат пешачки, а некои за возила и ќе се градат откако Градот ќе ги заврши двата моста за пешаци на двата краја од Скопје кои неодамна ги најави, а веќе ги распиша и огласите за избор на идејно решение. Предвидено е да никне мост и кај салата МЗТ во Аеродром, но, се чека градскиот буџет да биде доволено силен за такво нешто.

- Овој реон ќе се спои со Ќерамидница и потоа со булеварот Гоце Делчев кај МРТ. Тој е потребен поради тоа што Аеродром има само еден влез, кај железничката станица, и еден излез, кај Ново Лисиче, односно мостот „Тодор Александров“. Тој мост е трет приоритет во Аеродром, а работиме на вториот, односно на растоварување на сообраќајот во оваа општина. Тоа ќе се случи со проширувањето на улицата Трета македонска бригада, со нови две коловозни ленти. Оваа улица со булеварско решение ќе се спои со булеварот Kрсте Мисирков кај Олимписки базен, вели портпаролот на Град Скопје Неделчо Kрстевски за Дневник.

Населбата Лисиче ќе добие пешачки, но, и сообраќаен мост кај улицата Индустриска, кој треба да ги поврзе Лисиче и Маџари.

-Во Генералниот урбанистички план и натаму се предвидени клучните мостови што се дел од примарната сообраќајна мрежа, тој кај Владата и во Маџир Маало. Мостот кај Владата е продолжение на булеварот Kлимент Охридски, кој откако ќе ја премости реката треба да минува во тунел под Kалето и да се поврзе со улицата Никола Kарев во Чаир, која исто така е предвидена да прерасне во булевар од примарната мрежа, односно урбан автопат. Идејата за урбани автопати каде што може безбедно да се вози со поголема брзина е стара повеќе децении, од планот од 1965 година. Оттогаш е и идејата за изградба на булеварот Kрушевска република, кој треба да мине со мост преку Маџир Маало и треба да служи како брза попречна врска меѓу северниот и јужниот дел на градот, пишува Дневник.

Предвидено е и Општина Карпош да добие мост - продолжение на улицата Љубљанска, која поминува покрај „Сити мол“.

- Тој ќе се гради преку Вардар и ќе се поврзе со булеварот Словенија. Тој е планиран за да служи за поврзување на северниот дел од градот со Kарпош, поточно Визбегово, Злокуќани, Бардовци, Зајчев Рид и да придонесе за нивна побрза урбанизација, објавува Kрстевски за Дневник. 

Во Карпош е предвидено да никне и друг мост преку Вардар, како продолжение на булевар „Илинден“. Овој булевар е зацртан преку Влае, покрај брегот на реката Лепенец, до Волково, каде што треба да излезе на северната обиколница. Меѓутоа, во овој реон нема тесно грло поради мостот „Обединети нации“ и поради вториот мост во Хром, кои значително го растоваруваат сообраќајот.

Извор: Дневник

16.09.2013 - 11:31

најчитано сега