Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи го честита Велигден

 

Директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи Валентина Божиновска денеска до архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан упати честитка по повод празникот Воскресение Христово-Велигден.

- Голема радост завладеа кога на денешниот ден младиот пастир во долга бела облека ги изговори следниве зборови пред гробот Исусов: „Не бојте се! Вие Го барате распнатиот Исус Назареецот. Воскресна! Не е тука! Еве го местото, каде што Го положија.“ Христовото воскресение не потсетува дека злото и страдањето во овој свет го нема последниот збор, туку радоста, животот и победата на доброто и хуманото. Колку ли негирања на нашата македонска бит, вера и идентитет ќе треба да пребродиме за конечно светот да сфати дека сите ние сме една фамилија, Негови синови, а Бог нашиот небесен Татко?, стои во честитката.

Христос умре и воскресна за сите нас, се наведува во честитката. Тој е жив и чекори пред нас кон едно ново небо и една нова земја, додека ние се уште се бориме со нашите непријатели за да ја докажеме сопствената вистина. Задача на сите луѓе без оглед на верата или каква и да е припадност е да ја шират пораката за мир и љубов бидејќи само тоа е патот кој може да води кон ослободувањето од целото страдење кое владее во светот.

- Да го третираме ближниот со почит и достоинство и преку личниот пример на истрајност и пожртвуваност да се доближиме до Христа. Силата и истрајноста Исусова на крстот ни даваат сила и храброст да истраеме во нашите голготи со цел да го искорениме страдањето и темните сили кои владеат во нашиот живот како и во целиот свет, се вели во честитката.

Во таа насока, Божиновска го истакнува личниот придонес на г.г. Стефан и на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија како столб на нашата вера и духовен идентитет.

- Исполнувањето на Вашата благородна мисија не е нималку лесна задача, туку искушение и вистински предизвик за што и понатаму ќе ја имате нашата поддршка. Нека Ви е честит овој голем празник и Ви посакувам овие денови да ги поминете во духовен мир, радост и благосостојба, се вели во честитката од Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи. 

најчитано сега