Се реконструира мостот на Вардар на патот Неготино-Штип
Почна санацијата на мостот на реката Вардар на патот Неготино-Штип, на терен интензивно се работи веќе неколку дена, информира денеска Петар Емшов, раководител на работната единица на „Македонија пат“ во Неготино.
Мостот беше оштетен од надојдените води во реката.
- Како што гледате во најбрз можен рок започна оваа санација како што впрочем беше и најавено од надлежните органи. Итноста беше поради фактот што од безбедносни причини беше забранет сообраќајот по овој мост кој води од Неготино за Штип па сега сите тешки товарни возила мораат да кружат преку Велес, а оние полесните го користат алтернативниот мост кај Криволак, појаснува Емшов.
За почеток реката е преградена од едната страна и ќе се интервенира врз мостот од таа страна, а потоа истата постапка ќе се спроведе од другата страна.
- Како што сум информиран, веќе за два месеци би требало да завршат интервенциите и за почеток по мостот да можат да се движат лесните возила како и полесните товарни возила, додава раководителот.
ФОТО: Сител