Мнозинството Американци не сакаат земјата да се меша во сириската војна
Мнозинството Американци не сакаат земјата да се меша во сириската граѓанска војна, иако процентот за воена интервенција двојно се зголемува доколку силите на Башар ал Асад употребат хемиско оружје против својот народ, покажуваат резултатите од истражувањето на Ројтерс и Ипсос.
Само 10 проценти од анкетираните, меѓу 26 април и 1 мај, изјавиле дека САД треба да интервенираат во Сирија, додека 61 процент се против.
Сепак, процентот за воена интервенција се зголемува до 27 проценти доколку Дамаск употреби хемиско оружје.
Голем број Американци се уште се рамнодушни за случувањата во Сирија. Истражувањето покажува дека околу една третина не слушнале или прочитале за граѓанската војна во Сирија. Само 8 проценти изјавиле дека слушнале или прочитале „многу“, а 17 отсто одговориле „доволно“.