Спасовски: Нема зголемување на бројот на вработени, се потполнуваат места кои биле испразнети поради пензионирање

 Безбедносната состојба во земјава е стабилна и граѓаните се длабоко свесни за историскиот момент и напредок на Македонија и јас очекувам дека подршката на ЕУ и НАТО интеграциите се врвен приоритет, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по денешната посета и средба со раковоставото на Секторот за внатрешни работи во Тетово.

- Секој од политичките чинители и од граѓаните на Македонија треба да бидат длабоко свесни за овој историски момент во државата и јас очекувам дека ќе имаме стабилна состојба и од политички и од безбедносен аспект и ќе дозволиме конечно Македонија да исчекори напред, рече Спасовски.

Тој заедно со заменик министерот завнатешни работи Агим Нухиу и соработниците беа во работна посета на СВР Тетово како дел од серијата слични посети и на останатите сектори на полицијата низ државата.

- Овде сакаме отворено да дадеме подршка на новото раководство на СВР Тетово. Бевме информирани за безбедносната состојба која што е стабилна, за подобрувања во активностите и работењето. Се договоривме за принципите на идно работење, пред се почитување на професионализацијата и остварувањето на интересите на граѓаните. Разговаравме за средување на состојбата во неколку сегменти за зголемување на безбедноста во градот, намалувањето на бројот на кривичните дела и за сето тоа се изготвени соодветни планови по кои ќе постапува СВР Тетово во соработка со МВР, рече Спасовски.

Во однос на можната меѓународна истрага за случајот „Диво Насеље“ што е наведено и во владината програма, Спасовски посочи дека и претходно било најавено дека ќе се работи на комплетно расветлување на случајот со сите можни детали, но и дека дури кога ќе има било каков нов чекор околу тоа ќе ја информираат јавноста.

- Не сакаме да дозволиме да има било какви шпекулации околу случајот, бидејќи тие водат до недоверба помеѓу инстутициите и помеѓу граѓаните. Кога ќе бидат преземени чекори што може да бидат соопштени во јавноста ние тоа и ќе го направиме. Наша определба е дека треба да направиме расчистување на многу од случаите. Очигледно е дека и други случаи се отвораат за да бидат разјаснети. Ние не прејудицираме каков ќе биде исходот од било каква истрага, за било кое дело или случај во Македонија, туку сакаме да биде соодветно претставено и спроведено за да може на крајот да имаме резултати во кои сите ќе имаме доверба, изјави Спасовски.

Во врска со новиот оглас за вработување во МВР, министерот Спасовски рече дека нема зголемување на бројот на вработени, бидејќи со огласот се пополнуваат работни места што биле испразнети поради пензионирање или по други основи.

- Нема зголемување на бројот во администрацијата, туку првпат по долги години во МВР има оглас за вработување професионалци кои се школувале да работат како дипломирани криминалисти или од областа на безбедноста за разлика од порано кога се вработуваа стоматолози, гинеколози, со педагошка академија. Сега сакаме на дело да покажеме дека професионализмот е во преден план.Конкурсот заврши вчера и по спроведената евалуација очекувам да одбереме најдобри кандидати кои ќе и служат на Македонија и македонската полиција, нагласи Спасовски.

Паралелно со постетата на СВР Тетово Спасовски со соработниците ја посетија и локалната самоуправа.

- Тесно сме поврзани во надлежностите и сакаме да ја вратиме довербата помеѓу граѓаните и македонската полиција и таа алка на комуникација што беше прекината да ја возобновиме и токму затоа и локалната самоуправа е еден од начините за заемна комуникација со граѓаните. И СВР Тетово и локалната власт преку Советот за превенција ќе мора да ги реализираат активностите што ќе значат доближување до граѓаните на Тетово и тетовско во остварување на своите надлежности, но и да добиеме повратни информации од граѓаните што треба да направиме. Се надевам дека ќе одговориме на сите предизвици што стојат пред нас во Тетовскиот регион, дека граѓантите ќе бидат задоволни, но и дека граѓаните ќе бидат партнери на македонската полиција, посочи Спасовски. 

 

 

 

13.06.2018 - 14:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега