Двајца малолетни бегалци го пустошеле Скопје

Кривична пријава си заработија  Е.М. (16) и А.Ј. (17) од Скопје, откако ограбиле куќа во скопската населба Лисиче.

Двајцата малолетници ја извршиле кражбата откако избегале од Воспитно поправниот дом во Велес. Како што информираат од МВР, Е.М.  е регистриран зависник на наркотични дроги и досега му се поднесени 111 кривични пријави за имотни деликти, а А.Ј. досега заработил 11 кривични пријави исто така за извршени кражби.

-Конкретното кривично дело го извршиле на минатата недела поточно на 11.09., околу 22,00 часот во населбата Лисиче, во куќа лоцирана на ул. „Врпоље“, каде го искористиле отсуството на сопственикот, насилно влегле во куќата и по извршеното пребарување одзеле поголема количина на златен и сребрен накит и еден трофеен пиштол кал. 6,35, рамка со седум куршуми и една кутија со 23 куршуми од истиот калибар. По извршувањето на кривичното дело, се упатиле на ул. “Трета Македонска бригада“, каде запреле и се качиле во такси возило. Додека се движеле по наведената улица и се обидувале да најдат превоз, биле забележани од полициски службеници на мобилната единица „Алфа“ и откако се качиле во возилото, по кусо следење такси возилото било сопрено од полициските службеници. При легитимирањето, Е.М. и А.Ј. немале документи за идентификација, а во себе имале еден пиштол и една кеса со поголема количина на златен и сребрен накит, заради што се приведени во ПС од ОН “Аеродром“, соопштуваат од МВР.

Малолетниците биле фатени од полицијата веднаш по кражбата. Тие дале лажни податоци за својот идентитет, но, полициските службеници откриле дека тие всушност се бегалци од Воспитно поправен дом. Украдените предмети кои биле пронајдени кај двајцата скопјани, му биле вратени на сопственикот на куќата  во Лисиче.

Од полицијата информираат дека постојат индиции дека Е.М. и А.Ј. се сторители и на други кривични дела, за кои по обезбедувањето на докази ќе следуваат соодветни поднесоци. 

14.09.2013 - 12:29

најчитано сега