Османи-Малмстром ќе разговараат за последиците од американските царини

Вицепремиерот за европски прашања во четврток во Брисел ќе оствари средба со еврокомесарката за трговија, Сесилија Малмстром, на која ќе се разговара за последиците од американските заштитни царински мерки против извозот на челик и алуминиум.

Одлуката на администрацијата на Доналд Трамп за воведување царини кон нејзините трговски партнери може да ја погоди и Македонија, го предупредија вчера Османи македонските бизнис асоцијации, бидејќи би можеле да ги доведат во прашање условите под кои се извезува македонскиот челик на европскиот пазар.

Македонија стравува дека со мерките воведени од САД кон ЕУ, Унијата би можела да се одлучи за рестриктивни мерки кон трети земји, што би ги погодиле македонските производители на челик. Таква одлука, сепак, ЕУ сѐ уште не донела, но македонската дипломатија сака да се информира за следните чекори за кои размислуваат европските челници во контекст на оваа трговска „војна“, и да се обидат да превенираат негативни последици за македонската економија, брифираат дипломатски извори во Брисел за МИА.

Европскиот пазар е важен за македонските производители. Пред неколку недели Здружението на металургија при Стопанската комора во Македонија предупреди дека европските и американските рестрикции врз челикот би ја чинеле земјата околу 15.000 откази за вработените во таа индустрија.

Еврокомесарката за трговија вчера ги предупреди САД дека „играат опасна игра“ со овие мерки и дека го доведуваат во опасност целиот глобален трговски систем.

ЕУ се одлучи за правна процедура во рамкита на Светската Трговска Организација и реципроцитетни мерки кон САД. ЕУ најави и дека за возврат планира да таргетира традиционални американски производи како што се Левис фармерките, бурбонот и Харли Дејвидсон моторите.

Освен што се ова важни производи за американската економија, тие се произведуваат во региони кои се традиционално републиканско гласачко тело и важен дел од електоратот на Доналд Трамп, објаснуваат европските дипломати.

 

 

 

02.06.2018 - 10:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега