ВМРО-ДПМНЕ: Партиските војници на СДСМ ќе глумат револуционери а Жерновски ќе тера сомнителни набавки

-Партиските војници и роднини на високи функционери на СДСМ ќе глумат екологисти и револуционери, а Жерновски ќе тера сомнителни набавки. Како и што најавувавме подолг период, Жерновски ја започна својата офанзива за злоупотреба на Општина Центар за свои корупциски интереси, рече денеска Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ.        

Ангелова истакна дека градоначалникот Жерновски на вчерашната седница на Советот на Општина Центар, во пет минути до дванаесет, предложениот дневен ред го надополнил, со, како што рече таа, скандалозна предлог одлука за набавки на неколку машини за одржување на чистота.

-Прво, тој може, доколку има средства во Буџетот предвидени за таа намена и сам, без одлука на Советот да распише јавна набавка, но тоа не го прави знаејќи и самиот дека влегува во сомнителна постапка, а одлуката на Советот ќе ја користи како покритие за своето сомнително и коруптивно однесување. Значи, да беше се чисто немаше потреба ваква точка да гласа мнозинството на СДСМ, а уште помалку таа точка да биде поставена на дневен ред на самиот почеток на седницата, а не во редовна постапка. Второ, во прилог на Предлог одлуката беше доставена техничка спецификација за набавка на машината со специфични и конкретни карактеристики што укажува на планирано фаворизирање на одреден тип на производ што е спротивно на Законот за јавни набавки, изјави Рангелова.

Според Рангелова, Жерновски и СДСМ, практично и ги нацртале машините кои ВМРО-ДПМНЕ верува дека веќе знаат од кој набавувач ќе ги добијат. Рангелова смета дека со прецизните карактеристики тие ја отстрануваат можноста на јавната набавка да се појави било кој друг снабдувач со машини за иста цел, но со различни механички карактеристики.

ВМРО-ДПМНЕ го повикува Жерновски да почне да чита закони и да предлага законски одлуки, потсетувајќи го дека согласно Законот за јавни набавки тендерската документација односно техничката спецификација треба да биде формулирана објективно односно да се однесува на сите потенцијални економски оператори, што значи дека тендерските услови во никој поглед не смеат да фаворизираат или да ставаат во понеповолна положба одреден економски оператор, како и дека, при набавка на производи, техничките спецификации треба да упатуваат на одредени норми или стандарди, а не на истакнување на конкретно производство или извор на набавување, трговски марки и сл.

-На ваков начин, Градоначалникот на Општина Центар овозможува нефер предност на некој економски оператор за кој веќе изјави дека води преговори, а груба дискриминација на други потенцијални економски оператори кои можат да ја задоволат потребата од конкретна набавка на Општина Центар, која на крај можеби и заради конкурентноста ќе биде поефтина. Жерновски ова не го прави од незнаење. Тој впрочем и затоа сака да креира конфликит, да се прогласува за жртва и за ненадлежен да ги решава проблемите на граѓаните, а во позадина, всушност да ги тера своите финансиски интереси, рече денеска Рангелова.

Според владејачката партија, Жерновски ова го прави преку ред и по вонредни и брзи постапки бидејќи сака оваа набавка да ја скрие зад, како што велат, борба за спас на петте дрва.

-Партиските војници и роднини на високи функционери на СДСМ ќе глумат екологисти и револуционери, а Жерновски ќе тера сомнителни набавки, изјави Рангелова.

13.09.2013 - 14:29

најчитано сега