Зaев: Охридската архиепископија го засилува и облагородува идентитетот на македонскиот народ

Премиерот Зоран Заев имаше свое обраќање по повод 1000 години од Охридската архиепископија, каде истакна дека архиепископијата е важна одредница во историјата на црквата и христијанството на овие простори.

„Христовата црква, со востоличувањето на катедрата на Охридската архиепископија, не беше нова црква. Таа беше светла точка од историјата на континуитет на христијанството на овие простори со корени уште од апостолско време. Христијанството на просторите на географска Македонија прв го донесе, го прошири и го проповедаше светиот апостол Павле, за што сведочат и делата апостолски. На тие негови патувања бил придружуван и од други апостоли, кои подоцна и самите, независно од светиот апостол Павле, ќе проповедаат и ќе ја шират црквата Божја на овие простори“, рече премиерот.

Тој во обраќањето додаде дека низ историјата на христијанството се запишани бројни сведоштва за долгиот развој на црковното организирање, со богат духовен живот на бројните митрополии и епископии, а како што рече, за тој период низ целата територија на денешна Република Македонија говорат голем број ранохристијански базилики и црковни храмови.

„Директен резултат на просветителската дејност меѓу словенските народи на светите браќа Кирил и Методиј, а подоцна и на светите отци охридски Климент и Наум, е никулецот од кој потоа израснуваат и првите словенски епископи на светата Охридска архиепископија. Охридската архиепископија претставувала духовно средиште на христијаните и народите што ја прифатиле оваа верска припадност на целата територија на географска Македонија, и била обединувачки, надетнички фактор, со оглед на фактот дека во тоа време црквата не била обременета со етнофилетизам и не била омеѓена од државните или од границите на кралствата и империите од таа епоха“, истакна Заев во својот говор.

Тој потсети дека Охридската архиепископија опстојувала цели осум века, сè до 17 мај 1767 година, кога била укината, а нејзините епархии биле присоединети кон Цариградската патријаршија.

„Паралелно со развојот на црквата на овие простори, се одвива и историскиот процес на формирањето на македонскиот идентитет, кој во поголем дел го приспоил христијанството како верска определба. Од Охридската архиепископија тој идентитет бил засилен и облагороден, како од духовен извор. Оттаму, сите идни премрежја и опстојби на Охридската архиепископија се премрежја и опстојби на народот кој себеси се идентификува како македонски и кој ја почнува својата исконска и егзистенцијална определба и борба да го избори своето место како рамноправен, признаен и прифатен европски народ со автентичен идентитет“, нагласи премиерот.

По темелните подготовки, во 1958 година во Охрид бил одржан Вториот македонски Црковно-народен собор, каде што бил прифатен предлогот за обнова на Светиклиментовата Охридска архиепископија, олицетворена во самостојната Македонска православна црква, а за нејзин прв епископ бил избран господин Доситеј. Светиот синод на МПЦ на 17 јули 1967 година во Охрид го свикал Третиот црковно-народен собор и на свечена седница во охридската црква „Свети Климент Охридски“ ја прогласил Македонската православна црква за АВТОКЕФАЛНА – точно 200 години по укинувањето на Охридската архиепископија. Денеска чествуваме 1 000 години од Охридската архиепископија. Тоа се десет векови поврзаност и континуитет со колевката од која произлезе духовната сувереност на народот кој се збра околу идејата за своја држава и се избори за неа“, подвлече Заев, кој во обраќањето додаде дека никој денеска не може да го порекне и да го отфрли посебниот однос помеѓу Охридската архиепископија и народот во Република Македонија.

 

 

 

28.05.2018 - 12:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега