Македонските информатичари се враќаат со медали од Балканската Олимпијата

Македонска екипа освои сребрен и два бронзени медали на  21. Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2013), што се одржува во Сараево, Босна и Херцеговина.

Ученикот Климент Серафимов, кој од годинава го продолжува своето средно образование во Италија, го освои сребрениот медал, а учениците во четврта година Бојан Серафимов и Васил Кузевски ги освоија бронзените медали. Четврт македонски учесник на натпреварувањето беше ученикот од Струмица Филип Беџовски. Македонските учесници ги предводеа  Миле Јованов и Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).  Трошоците за патувањето до Сараево ги покри Министерството за информатичко општество и администрација на Македонија, како поддршка на активностите на Здружението на информатичарите на Македонија.

На Балканската олимпијада учествуваат тимови од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија и Турција. Дополнително, како претставници на земји-гости на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваа и тимови од Хрватска, Словенија и Таџикистан.

Сите учесници покрај натпреварувачките активности учествуваа и во културни активности за претставување на земјата-домаќин и нивно меѓусебно запознавање. Наредната Балканска олимпијада по информатика, ќе се одржи идната година во Турција.

13.09.2013 - 08:55

најчитано сега