Иванов се сретна со кошаркарите: Со вас сме и во победа и во пораз!

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, денеска во Вила Водно ги прими членовите на Македонската машка кошаркарска репрезентација и им се заблагодари што овозможија Македонија да биде присутна на завршницата на Европското првенство во кошарка.

- Ни стана традиција да се гледаме и кога има големи успеси, но и кога нема. Сметам дека можноста да се навива за својата репрезентација на едно европско првенство е привилегија и тоа што бевте дел од европската кошаркарска елита го сметам за успех, подвлекол претседателот Иванов.

- Една од најважните работи е тоа што со вашите успеси станавте херои на Македонија и сега во секое место во нашата држава се зборува за спорт, се навива и се јакне чувството за припадност и националната гордост. Станавте синоним за победа и најголемата придобивка е што младите денес во Македонија играат кошарка, се посветуваат на спортот, тргнувајќи по вашите примери, им рекол Иванов на кошаркарите.

Вашиот успех, вашиот однос кон нашата држава, кон македонското знаме и химна инспирираше многу деца, од најмала возраст да почнат да се занимаваат со спорт, но и да ја сакаат својата држава, рекол претседателот Иванов.

Капитенот Перо Антиќ во името на сите играчи се заблагодарил за големата поддршка што секогаш ја добиваат од македонскиот претседател. - Како капитен на нашата репрезентација сакам да кажам дека ни значи вашата поддршка што целото време ни ја давате, особено што таа доаѓа и после ваквите наши настапи, рекол Антиќ.

 

12.09.2013 - 16:16

најчитано сега