Чешките комунисти го слават 1. Мај
Денеска во чест на Денот на трудот традиционално излегоа низ улиците на Прага, симпатизерите и членовите на Комунистичката партија на Чешка и Моравија (КСЧМ).
Луѓето носеа транспаренти, со пораки против актуелната власт. Покрај нив на говорница излегоа да говорат пратеници и симпатизери на партијата.
- Демократијата плаче кога ја гледа сиромаштијата и секојдневното кршење на човековите права во оваа земја, порача пратеничката Марта Семелова. Според неа, актуелните документи се полни со историски лаги кои имаат за цел да и помагаат на антикомунистичката пропаганда која активно се води во земјата.
Комунистичката партија во Чешка има се повеќе приврзаници и во Парламентот ја претставуваат 26 пратеници. Последните анкети покажуваат дека доколку сега има парламентарни избори, КСЧМ би добила над 15 проценти поддршка и според бројот на пратеници би била трета парламентарна партија.
Националистите од Работничката партија за социјална правда во земјата, најавија дека денешниот ден ќе го искористат за да го искажат своето мислење кон Европската унија.
Чешките социјалдемократи (ЧССД) како и секоја година планираат средби со своите сопартијци и поддржувачи.