КСС ќе продолжи со активно делување за подобрување на работничките права
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) ќе продолжи со активно делување кон подобрување на работничките права, а нејзина стратешка цел е зголемување на синдикалното членство со работници од приватниот сектор, изјави денеска претседателот на КСС, Мирјана Андреска.
КСС, посочи таа, одлучи овој 1 Мај да го одбележи работно, на начин што ќе им го приближи Синдикатот и синдикалното движење на граѓаните посебно кон оние кои работат во приватниот сектор бидејќи тие се работници на кои синдикатот најмногу им е потребен, а во исто време и најнепознат.
- И оваа година го одбележуваме 1 Мај, Денот на трудот во услови на економска криза и отежнати услови за работа, како на стопанството, така и на работниците. Оваа ситуација дополнително го обременува дејствувањето на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) во изминатиот период. Ваквите социо-економски услови, не ги спречуваат да преземат активности во насока на зачувување на нивните стекнати права и за сеопфатно подобрување на состојбата на нивните членови, изјави Андреска.
Таа информира дека денеска спровеле анкета меѓу лицата кои работат, која покажала дека вработените во приватниот сектор се неинформирани за своите работнички права и синдикално се неорганизирани.
- КСС одлучи овој ден да го прослави заедно со своите членови и со сите граѓани кои преку непосреден контакт ќе ги информира за синдикалното движење, за правата на работниците, за значењето на Празникот на трудот, за последните законски измени во одредени законски решенија и начинот на синдикално организирање, додаде Андреска.
ФОТО:Сител