Во сабота акција за чистење во сите општини во Македонија

Акција за чистење и разубавување на животната средина ќе се спроведе в сабота во сите општини во Македонија. Во акцијата акцент ќе биде ставен на чистење на дивите депонии, подигнување на комуналниот отпад, чистење на улиците и парковите. Ова денеска го најави претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов.

- Град Скопје и останатите општини својата заложба за почиста и поздрава животна средина  ја поместуваат меѓу најважните приоритети во нивното дејствување, рече Шилегов, кој додаде дека акцијата е на негова иницијатива. 

Тој ги повика општините да организираат конкретни акции, да ги информираат граѓаните за акциите и да овозможат учество на сите заинтересирани.

- Ајде заедно да го разубавиме нашиот роден крај, местото каде живееме и работиме, местото каде го поминуваме најголемото време од нашите животи. Заедно да се избориме за чиста и здрава животна средина како влог во иднината на нашите деца, повика Шилегов. Тој смета дека општините имаат потенцијал и оти ќе успеат во намерите да обезбедат здрав живот за сите граѓани.

Во Град Скопје денеска на средба со Шилегов се премиерот Заев, министри, градоначалници и директори на скопските јавни претпријатија. Шилегов појасни дека станува збор за средба што ја воведуваат како пракса во функционирање на Градот и на скопските општини. 

- Треба да имаме сериозна координација за надминување на потенцијални и технички проблеми во функционирањето со цел да го зголемиме капацитетот и функционалноста на општините со кои раководиме. Да ги олесниме постапките кои ние како општини ги имаме и да ја дефинираме поддршката која што централната власт може да ни ја даде нас како единици на локална самоуправа, рече Шилегов. 

Одговарајќи на новинарско прашање, градоначалникот Шилегов рече дека пред 1 мај биле исчистени сите излетничките места во Скопје и додаде оти не може да биде задоволен од тоа како тие биле затекнати по првомајскиот излет. 

 

 

 

03.05.2018 - 15:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега