Тотал инженеринг: Немаме никаков деловен однос со компанијата која Мицкоски ја наведува

Тотал инженеринг чиј управител е Вице Заев, преку соопштение ги отфрли обвинувањата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

– Тотал инженеринг, водејќи се од принципиелни и објективни причини и со цел да оневозможи каков било конфликт на интерес при својата работа, неодамна изврши продажба на севкупната механизација: камиони, багери, ваљаци, булдожери и останато – се наведува во демантот од компанијата.

Тотал инжинеринг тврди дека нема никаков деловен однос со компанијата која Мицкоски ја наведува.

– Потенцираме дека механизацијата на Тотал инжинеринг, ниту пред продажбата, ниту после тоа, не била и не е ангажирана во ниту една постапка во РЕК или во која било друга државна институција.

Оттука, лажните обвинувања на Мицкоски ги сметаме единствено за низок, непромислен и неуспешен обид на неговата партија да го извалка името на премиерот, неговите роднини и компанијата Тотал – пишува во демантот од компанијата.

Тотал инженеринг најавува дека поради обвинувањата на Мицкоски ќе следи соодветна судска постапка и ги повикува Обвинителството и Финансиската полиција да се позанимаваат со обвинувањата, па потоа јавно да се произнесат за тоа дали компанијата има каква било индиректна или директна релација со евентуални тендери во државни или јавни институции.

Лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска преку видео-обраќање презентираше случај, за кој, како што рече, имаат индиции и сомнеж за постоење на криминал во кој се вмешани компании на луѓе блиски до премиерот.

Според Мицкоски, станува збор за случај каде треба да се вклучи Јавното обвинителство, и да ги провери сите аспекти.

„Компанијата ’СВ Инвест‘ врши превоз на јаглен со товарни возила, но истите возила со струмички регистерски таблици. Сопственик на овие камиони не е ’СВ инвест‘, туку компанијата ’ДГИ Тотал Инженеринг‘, каде сопственик и управител е Вице Заев, братот на премиерот Зоран Заев. Обвинителството треба да провери за колку пари, за која работа, низ каква процедура и во чие име работа вршеле возилата на братот на премиерот и дали и низ каква постапка компанијата на Вице Заев врши услуга чиј краен корисник е државна компанија и зошто неговите камиони се со налепници на друга приватна компанија“, изјави Мицкоски.

 

 

 

30.04.2018 - 20:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега