МВР со соопштение до грѓаните: Зголемено присуство на полицијата во неколку градови низ Македонија
Министерството за внатрешни работи ќе го одбележи 7 Мај – Денот на македонската полиција, со показни вежби во Скопје, Охрид и Штип во кои ќе учествуваат припадници на сите единици, а на кои очекуваат присуство на голем број граѓани.
Одбележувањето ќе почне на 4 мај во скопската касарна „Ѓорче Петров“, на 5 мај на пристаништето во Охрид, на 6 мај на Градскиот стадион во Штип и на 7 мај во Скопје.
- Граѓаните ќе имаат можност да ја видат опремата со која располага македонската полиција, како и да присуствуваат на показни вежби во кои ќе учествуваат сите единици при МВР и кои ќе ја демонстрираат својата подготвеност за справување со различни предизвици. Со задоволство ги покануваме сите граѓани да присуствуваат на овие показни вежби и да ја видат подготвеноста на македонската полиција, рече портпаролот на МВР Тони Анѓеловски.
Воедно, од МВР упатија известување до граѓаните на Охрид и на Штип дека во наредните денови во склоп на подготовките за овие настани ќе има употреба на техничко-тактички средства и затоа замолуваат за разбирање.
Портпаролот Анѓеловски упати благодарност од име на МВР до сите граѓани на Скопје за трпението и разбирањето за одредени застои во сообраќајот во текот на вчерашниот ден кои беа предизвикани поради присуството на голем број делегации во главниот град за одржувањето на Брдо-Бриони Процесот. Во Скопје вчера присуствуваа осум претседатели на држави, еден премиер и тројца министри за надворешни работи, за кои беше спроведено ниво на безбедност од прв степен.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа