Клиниката за детски болести доби нов апарат за ултразвучен преглед кај новороденчиња
Клиниката за детски болести од Скопје доби донација од апарат за ултразвучен преглед со кој ќе се врши преглед на мозочните структури кај новороденчиња и доенчиња преку физиолочките отвори меѓу коските и черепот. Донацијата е обезбедена од Стопанска банка АД-Скопје.
- Колку побрзо ќе стигнеме до дијагнозата толку побрзо ќе можеме и ние да интеревенираме за да не дојде до трајни последици на детето. Знаеме колку е значаен првиот момент на нивното преживување без трајни последици, рече директорката на Детската клиника Аспасија Софијанова истакнувајќи го значењето на навременото дијагностицирање на болестите уште од најрана возраст.
Професорот Филип Дума рече дека методата кај нас се работи од 1986 година, а првиот апарат клиниката го има од 1995 година, но како што рече, новиот апарат што го донира Стопанска банка е во рамките на совршенството.
-Методата е ултра звук на централниот нервен систем и доплер испитување на централниот нервен систем кај новороденчиња и доенчиња и е дел од дијагностичките методи кои се испитуваат за дијагностицирање на патологијата на централниот нервен систем, рече Дума.
Директорот на Стопанска банка Диомидис Николетополус истакна дека Банката како корпоативен субјект во Македонија секогаш наоѓа начини да им врати на своите граѓани.