Медицинските сестри го одбија минималното зголемување за дежурства

Советот на Синдикатот на скопските клиники одлучил да не ја прифати понудата на Министерството за здравство за минимално зголемување на ноќниот труд на медицинските сестри, транспортери и болничари, објави НОВА повикувајќи се на свои извори на клиниките. Советот како највисоко тело на Синдикатот бил свикан итно, доцна попладне, по преговорите кои биле водени со заменик министерот за здравство Гоце Чакаровски и Миле Сугаревски, советник на директорот на ФЗОМ.

Средно медицинскиот персонал, остро се спротиставил на одлуката ноќната смена да се зголеми за само 80 денари, колку што било понудено и не дозволиле Синдикатот да го потпише Анекс договорот за ноќните дежурства. Информацијата за НОВА ја потврди претседателот на Синдикатот, Горан Беговиќ.

„Без одлука на Совет не можев да потпишам ништо. На нас ни беше кажано дека нема пари за поголемо зголемување. Со оваа понуда, ако една медицинска сестра добивала 150 денари за ноќен труд, сега ќе добива 230 денари. Медицинските сестри, болничари и трранспортери се изјаснија дека тоа е понижувачки за нив и побараа итно да биде свикан Советот. Одлучено е да не се прифати предлогот и не го потпишавме Анекс договорот за ноќните дежурства“, изјави Горан Беговиќ претседател на Синдикатот на Клиничкиот центар.

Според него тие побарале коефицинтот за ноќен труд од 0,29 колку што е сега, да се зголеми на 0,75, но добиле одговор дека бодот може да се зголеми само на 0, 40. Образложението било дека средствата се ограничени и нема толку пари.

Од Синдикатот велат дека во скопските Клиники сѐ повеќе се зголемува незадоволството од медицинскиот персонал и таквата ситуација треба да се реши.

Извори од средно медицинскиот персонал за НОВА велат дека не ја исклучуваат можноста од предупредувачки штрајк.

Министерот Филипче пред три дена во Собранието на седницата за интерпелацијата на ВМРО-ДПМНЕ, најави дека лекарите и  медицинските сестри ќе го добијат ветеното зголемување за ноќните дежурства.

Филипче пред нова година најави дека дежурство за лекарите на интерните клиники кое изнесува од 900 до 1.340 денари во работен ден, од март или април ќе биде платено 2.500 до 3.000 денари. Викенд дежурството кое изнесува 2 800 или 2 900 денари ќе се зголеми на 4.000 денари. Оваа најава за зголемување дојде по реакциите и барањата на лекарите да се зголемат дежурствата приближно како на хирурзите кои земаат од 8000 до 12 000 денари за викенд дежурства.

 

 

 

 

13.04.2018 - 22:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега