МИОА: Нема ништо спорно во јавната набавка за Дигиталниот Самит

 

Во однос на обвинувањата за постапката за јавна набавка за техничка реализација на Дигиталниот Самит, Министерството за информатичко општество и администрација ја информира јавноста дека во спроведената постапка нема ништо спротивно на Законот за јавни набавки.

„Конечната одлука за форматот на Дигиталниот Самитот кој претставува обврска од Повеќегодишниот акциски план за регионална економска соработка на земјите од Западен Балкан, се донесе на 2-ри март на состанок на Управниот одбор за организација на Самитот, кој се одржа во Берлин, Германија.  Одлуките поврзани со форматот на самитот и потребниот буџет произлегоа од заклучоците на овој состанок. За ова МИОА ја информираше и Владата на Република Македонија, за што достави информација којашто беше усвоена на 58. седница на Владата“, соопшти министерството.

Оттаму појаснуваат дека во вкупната сума предвидена за техничката реализација на самитот, вклучени се 50.000 евра од Советот за регионална соработка со седиште во Сараево (РЦЦ), 5.000 евра од Друштвото за меѓународна соработка (ГИЗ), а остатокот од 190.000 евра се дел од Буџетот на МИОА за 2018та година.  Согласно ова, велат, за спроведување на јавната набавка, потребно беше претходно да се потпише договор со РЦЦ (14.03.2018 ) и ГИЗ (30.03.2018). Дополнително, беше потребно да се склучи меморандум за соработка и договор со Спортскиот Центар „Борис Трајковски“, каде се организираат дел од настаните.

„Согласно законот за јавните набавки овие постапки во најкратки рокови траат 34 дена. Поради тоа не може да се примени рокот за спроведување на отворена постапка за јавна набавка, ниту пак за ограничена постапка. За жал работевме во екстремно кратки рокови кои не зависеа од нас. Ова беше единствен начин, Македонија да биде домаќин на еден од најголемите регионалните настани за оваа година“, соопшти МИОА.

Министерството додаде дека заклучоците и дефинираните активности кои ќе произлезат од Дигиталниот Самит, се од особено значење за економскиот развој на Македонија и остварување на заедничката цел, а тоа е влез во ЕУ.

 

 

 

11.04.2018 - 15:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега