Груевски ја пушти во употреба новата зграда на Уставниот суд и Државниот архив
Ова е голем ден за големи настани, ден кога се прославува 22 години од независноста на Република Македонија и ден кога треба да се потсетиме на сите оние кои се бореле за самостојноста на Република Македонија, истакна премиерот Никола Груевски денеска на свеченото отворање и пуштање во употреба на новата зграда на Уставниот суд на Република Македонија и Државниот архив на Република Македонија.
- Пред нас е еден капитален проект третиран во историски стил и раскошна архитектура. Вистински институции во репрезентативен објект, рече Груевски.
- Покрај недостатокот на простор, карактеристично за овие две институции беше и плаќањето висока кирија, која се плаќаше од буџетот. Несоодветните услови и опременост на институциите беа главната причина во 2009 година да се започне со изградба на нов објект. Крајната цел што сакавме да ја постигнеме беше задоволување на инфраструктурните услови на уставните судии, судската и државната администрација и секако долгорочна заштеда во буџетот заради плаќањето на кириите за просториите кои се под наем, нагласи Груевски.
Претседателот на Уставниот суд на Република Македонија Бранко Наумовски рече дека особено го радува фактот што овој чин се случува токму на Денот на независноста на Република Македонија и токму во годината во која Уставниот суд ќе одбележи еден значаен јубилеј - 50 години од своето основање и почетокот со работа. - Во своето долгогодишно постоење Судот успеа без поголеми тешкотии да ги совлада проблемите и потребите на транзицијата. Врз основа на стекнатите искуства не му беше тешко во континуитет да продолжи да ја извршува својата основна улога на заштита на уставноста и законитоста во услови во кои Македонија се конституира и изградува како суверена и самостојна држава, рече Наумовски.
Директорот на Државниот архив на Република Македонија Зоран Тодоровски во своето обраќање рече дека оваа нова зграда овозможува современ начин на чување на архивските документи.
На отворањето присуствуваше претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, министрите за здравство, образование и наука и за култура, Никола Тодоров, Спиро Ристовски и Елизабета Канчевска Милевска, голем број пратеници, началникот на ГШ на АРМ Горан Котевски и многубројни граѓани.