Влада: Се враќа довербата во перспективите на домашната економија

 

Владата денеска оцени дека објавените статистички податоци за раст на БДП, на вработеноста и на индустриското производство се доказ за економска стабилизација и враќање на изгубената доверба во перспективите на домашната економија.

- Објавените податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) за бруто домашниот производ (БДП) за изминатата година покажуваат дека во четвртиот квартал во 2017 година економијата бележи раст од 1,2 процента и излегува од состојбата на стагнација. Ова е доказ дека се враќа изгубената доверба во перспективите на домашната економија, посочуваат од Владата на РМ.

Дополнително, се наведува во соопштението од владината прес-служба, последно објавените податоци на ДЗС покажуваат и раст на индустриското производство од осум отсто што претставува уште една потврда дека економската активност се интензивира.

- Фактичката состојба којашто ја наследи Владата по своето формирање беше пад на економијата од 1,3 проценти заради тешка политичка криза предизвикана од политичките блокади, но и заради неодговорното менаџирање со економијата изминатите години. Новите економски политики, реформските процеси, реафирмацијата на ЕУ и НАТО интеграциски процеси на Република Македонија придонесоа економијата да се стабилизира и да почне да бележи стапки на раст на БДП, се наведува во соопштението од Владата. Економската стабилизација, според Владата, се потврдува и со податокот за годишен раст на вработеноста од 1,9 проценти во четвртиот квартал во 2017 година, споредено со истиот квартал во 2016. 

 

 

 

10.03.2018 - 11:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа