"Кога СДСМ беше на власт не засадија ниту едно дрво" - градот Скопје реагира на обвинувањата за „Паркот на 100 дрвја“

Градот Скопје ги демантира невистините изнесени на денешната прес-конференција на СДСМ, во врска со проектот за зазеленување на „Паркот на 100 дрвја“ и на паркот „Македонија“.

 Градот Скопје остро реагира на тврдењата дека „Скопскиот градоначалник Коце Трајановски вчера промовираше како нов, парк стар неколку децении, само затоа што биле засадени 100 нови дрвја. Ова е истиот парк постепено уништуван со сеча на старите тополи“, како што посочуваат од СДСМ, и сака да нагласи дека површината која што ја посочуваат за парк не исполнува ниту еден критериум за парковска површина. На таа слободна површина во 1973 година започнале да се садат тополи, а на истата површина до ден денешен, на само 20 сантиметри под површината се уште стојат бетонски делови и остатоци од јаглен од поранешната железничка пруга. Просторот што од СДСМ го нарекуваат „парк“ нема никаков систем за полевање.

 

 Засадените тополи на оваа површина беа стари и небезбедени за минувачите. Сите граѓани што живеат во нивната околина добро знаат со какви се проблеми се соочуваа поради тие тополи, а особено на здравствените последици.

 

 Сакаме да нагласиме дека со уредувањето на „Паркот на 100 дрвја“, на површина од 3 900 квадратни метри ќе ја обновиме почвата на длабочина од 50 сантиметри, ќе подигнеме нов тревник во кој ќе се постави систем за полевање со 60 прскалки, ќе се отворат 8 нови шахти, како и систем капка по капка до сите новозасадени садници. Во паркот ќе се засадат нови листопадни садници од видовите платани, јапонска цреша, црница, јавор, планинска пепел, како и зимзелени садници од видовите туја, чемпреси и смреки. Во новиот парк ќе има и алпинетум (каменестa градинa) со засадени садници, перени и сезонско цвеќе, а се планира да се постави и летниковец. На тој начин, оваа површина, навистина ќе биде уредена како парк и ќе биде во корист на граѓаните.

 

 Во однос на тврдењата на СДСМ за паркот „Македонија“ Градот Скопје сака да нагласи дека оваа зелена површина е една од најголемите зелени површини уредени во Скопје во последните 40 години.

 

 Градот Скопје му порачува на СДСМ да престанат да ја лажат јавноста со тврдењата дека „во овој парк „Македонија“, промовиран лани како грандиозен од премиерот Груевски, пола Влада и градоначалникот Коце Трајановски, требаше да има повеќе од 1.500 зимзелени дрвја и околу 300 листопадни. Засадувањето на над 1.800 дрвја лично го најави Градоначалникот Трајановски.“ Имено, Градот Скопје и градоначалникот Коце Трајановски досега повеќепати јавно посочија дека во паркот „Македонија“ се засадени 300 листопадни дрвја, 1 535 парчиња зимзелени мини четинари, како и 8 000 парчиња сезонско цвеќе од видот виола и украсна зелка и 525 ружи, што може да се види објавено и на официјалната Интернет-страница на Град Скопје, на 21.11.2012 година. Ги повикуваме членовите на СДСМ прецизно да се информираат за видовите садници со кои Градот Скопје ги зазеленува јавните површини пред да ја замајува јавноста со неточни бројки и тенденциозни тврдења кои немаат основа.

 

 Нагласуваме и дека екипите на Град Скопје во изминативе пет години засадија околу 50 000 садници и подигнаа тревници на 250 000 квадратни метри површина, на различни локации, што ја измени сликата на градот и секојдневно придонесува за подобрување на животната средина на скопјани. Градот Скопје во последниве неколку години за првпат почна да вложува и во опремување на ЈП „Паркови и зеленило“ со што значително се подобри неговата работа.

 

 Прашуваме - зошто кога СДСМ беше на власт во Скопје не засадија ниту едно дрво? Тоа е одговорот што, веруваме, ги интересира граѓаните на Скопје, а треба да го даде СДСМ. На прашањето дали скопјани би му ја дале довербата на Коце Трајановски за градоначалник на Градот Скопје, одговорот СДСМ го доби пред само неколку месеци, на локалните избори.

Реакција на градот Скопје за изјавата на СДСМ.

 

 

 

06.09.2013 - 15:12

најчитано сега