Со МИОА ќе се решава проблемот со систематизациите во културата
На барањата од Синдикатот за култура ресорното Министерство одговори дека се свесни за проблемот што подолг период го имаат националните установи во однос на систематизациите и издавањето решенија на вработените во културата според прописите за јавна администрација и измените на Законот за култура од 2014 година.
Оттаму посочуваат дека Министерството за информатичко општество и администрација е подготвено да им понуди стручна помош на националните установи за изработка на систематизациите, онаму каде што не се направени.
- МИОА предложи можно решение - да се направат измени и стручните звања да бидат евидентирани како развојна компонента на едно работно место, на пример, конзерватор – виш конзерватор – советник конзерватор. Со овие насоки, ќе се завршат обврските во установите, а МИОА ќе може да ги евидентира сите вработени во културата кои примаат плати од Буџетот на РМ и се дел од јавниот сектор, наведува Министерството за култура.
Проблемот за стручните звања има и фискални импликации за што ќе треба да се обезбедат средства преку Министерството за финансии.
- Откога ќе се завршат претходните активности и ќе се добијат точни податоци за вработените од националните установи, Министерството за култура ќе може да се обрати до Министерството за финансии за надминување на проблемот со стручните звања, кои вработените во културата ги стекнуваат согласно Законот за култура, но тие сега не се соодветно вреднувани во платите. МИОА предвидува измени во Законот во 2019 година, со што ова прашање ќе се реши трајно во интерес на културните работници, пишува во одговорот на ресорното Министерство на барањата што денеска ги упати СКРМ.
Во однос на незадоволството на вработените во културата од употребата на терминот „давател на услуги“, Министерството посочува дека предложиле термин „носител на дејност“ како времено, техничко решение за издавање на решенијата и нивно евидентирање во електронскиот систем на МИОА.
- Бидејќи Законот мора да се спроведува, а решенијата за работни места и евиденцијата на вработените во културата треба да се заврши согласно законските прописи, ние сме подготвени да изнајдеме решение што ќе биде во согласност со законските прописи и ќе го заштити дигнитетот на вработените во културата, соопшти Министерството за култура, додавајќи дека преку измените на прописите за јавна администрација и култура што следуваат, ова прашање соодветно ќе се регулира.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа