Стабилна состојбата со браните од хидросистемот „Брегалница“
Состојбата со акумулациите од хидросистемот „Брегалница“ е стабилна, а се преземаат мерки да се спречи излевањето на водата од речните корита.
Во моментот во браната Калиманци се акумулирани 98 милиони метри кубни вода, а просечниот доток од реката Брегалница е 28 метри кубни во секунда. Поради најавите за нови врнежи од дожд и топењето на снегот, превентивно се испуштаат по околу 12 милиони метри кубни, за да може да се амортизира зголемениот доток.
Во акумулацијата Мавровица има 2,3 милиони метри кубни, додека Гратче е полна и се прелеваат по околу два метри кубни вода во секунда.
Се расчистуваат и речните корита и каналската мрежа од страна на екипи на водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани.
- Ангажирани се три машини за ископ на каналите за наводнување и одводнување и досега работата е завршена со околу 50 отсто од планираното. Истовремено, работиме на зајакнување на речните брегови, особено на реката Масалница, каде дојде до попуштање и излевање на водата, но за среќа поплавени се мали земјоделски површини, истакна директорот на водостопанската подружница „Брегалница“, Дени Митров.
Целосно е санирана состојбата со Зрновска Река која на почетокот на февруари се излеа и поплави овоштарници и ниви, а се работи и на чистење на коритото на Градечка Река. Земјоделците се задоволни од брзата реакција на вработените во водостопанската подружница.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа