Димитров-Јенча: Позитивни резултати во добрососедската политика и реформите

 Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска оствари средба со помошникот генерален секретар на ОН за политички прашања Мирослав Јенча, на која се разговараше за надворешната политика на Македонија со соседните држави, како и за напредокот во имплементацијата на реформската агенда на Владата.

Димитров ги презентираше актуелните чекори на Македонија во однос на унапредување на добрососедската политика, кои конкретен израз добија и преку Договорот за добрососедство со Бугарија, како и конструктивното реактивирање на разговорите со Грција за надминување на разликата околу името, се наведува во соопштението на МНР.

Шефот на дипломатијата потенцира дека Македонија длабоко го цени ангажманот на личниот претставник на Генсек на ОН Метју Нимиц во рамки на тој процес. Димитров, воедно извести за актуелните иницијативи и реформи на македонската Влада на домашен план.

Помошникот генерален секретар на ОН Јенча, изрази задоволство од позитивниот развој во добрососедската политика, како и од реалните резултати на владината програма 3-6-9, во приоритетните фокусни области.

Додаде дека ОН, како глобален авторитет на меѓународната сцена, а и во контекст на конкретниот мандат што го имаат за тоа прашање, со должно внимание и сериозни заложби го третира прашањето за надминување на разликата околу името.

На средбата, соговорниците разменија мислења и за актуелните клучни прашања во рамки на ОН, постигнувањето на целите на агендата 2030, реформирањето на организацијата и важноста на мултилатералното делување во справувањето со глобалните предизвици.

 

 

 

06.03.2018 - 15:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега