Струмица се подготвува за традиционалниот Струмички карневал

Со одржувањето на Детскиот маскенбал, утре со почеток во 18 часот, официјално почнуваат годинашниве карневалски празнувања во Струмица, пренесе МИА.

Организацискиот одбор в четврток  планира одржување на три настани. Првиот е закажан во 12 часот. Тогаш треба да бидат објавени резултатите од конкурсот за најдобри литературни остварувања на тема карневал во организација на Библиотеката „Благој Јанков Мучето“ од Струмица. Во 19:30 ќе биде отворена изложбата на фотографи од ланскиот карневал, а во 20 часот учениците од Музичкото училиште „Боро Џони“ ќе го одржат својот традионален концерт под маски.

В петок, на 16 февруари, е свеченото отворање на „Струмичкиот карневал 2018“ со одржувањето на традиционалниот маскенбал во Хотелот „Сириус“. Традиционално на него се избираат принц и принцеза на Карневалот, кои заедно со кралската свита ќе ја предводат големата интернационална карневалска поворка на главната карневалска вечер.

В сабота е главниот настан на годинашниов карневал. Во 18:30 часот ќе почне да се движи поворка од над две илјади маскирани учесници по улиците на Струмица, а завршните настапи групите од Македонија и странство ќе ги имаат на плоштадот „Гоце Делчев“ пред жири комисијата. Во 23 часот забавата продолжува на Плоштадот „Гоце Делчев“ со настап на забавувачи од островот Аруба, кои повеќе години настапуваат на Струмичкиот карневал.

Празникот Прочка, 18 февруари в недела, е резервиран за Детскиот карневал. Со почеток во 11 часот на градскиот плоштад најмладите ќе продефилираат во маските на нивните омилени јунаци од филмовите и бајките.

 

 

 

 

13.02.2018 - 09:29
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега