Хрватскиот премиер ја отфрли можноста за одложување на поставувањето двојазични табли во Вуковар

 

Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ ја отфрли секоја можност за одложување на поставувањето табли на латиница и кирилица на зградите на државните институции во Вуковар.

- Можам да прифатам дека определен број на луѓе не се задоволни од таблите испишани на кирилица во Вуковар. Ако сме цивилизирана држава, која ги штити етничките малцинства и го почитува законот, тогаш треба и ќе го направиме тоа, истакна Милановиќ.

- Хрватска треба да покаже либералност во победата и мирот, силна верба и волја и да ги почитува законите, оцени Милановиќ.

Двојазични табли беа поставени во Вуковар во понеделникот согласно законот со кој се предвидува задолжителни двојазични знаци во местата каде повеќе од една третина од локалното население припаѓа на некоја од малцинските заедници. Ваквиот потег ги натера стотици Хрвати да излезат на протест и насилно да ги отстранат таблите. 

04.09.2013 - 10:50

најчитано сега