Шилегов шири добрососедство во Атина - зборуваше на грчки па доби овации

 Градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов со вчерашната посета на грчката престолнина и средбата со атинскиот градоначалник Јоргос Каминис се вклучи во напорите за градење доверба меѓу граѓаните на двете земји и подобрување на климата меѓу двете општества.

На заедничката прес-конференција по средбата во Атина двајцата упатија јасна порака за соработка, до граѓаните, но и до владите на двете земји, со заложба да продолжат со преговорите и да ги решат проблемите за граѓаните на Скопје и Атина да имаат нормална комуникација.

- Како нов градоначалник решив да го отворам градот, веќе се сретнав со неколку градоначалници од регионот и ќе работам на тоа зашто силно верувам дека градоначалниците на главните градови исто така се главните гласници, едни од главните гласници на земјата. Ако имаш добра соработка меѓу главните градови, тогаш лесно ќе имаш подобра соработка меѓу владите, рече Шилегов. Неговиот грчки колега, порача дека владите во Атна и Скопје треба да се фокусираат на она што ги поврзува двете држави и двете општества, а не на она што ги разделува.

- Ние, градоначалниците на двата главни града се согласуваме со потребата за постигнување фер и одржливо решение, знаејќи ги предностите што доаѓаат со него. Треба да придонесеме одлучно, конструктивно, согласно со улогата што ја имаме, кон оваа насока, приближувајќи ги градовите и граѓаните. Во секој случај не сме ние тие кои преговараме, не сме тие што сме повикани да ги решиме проблемите што ги разделуваат земјите. Очекуваме од нашите влади да работат на национално одговорен начин да се прагматични, да покажат реална политичка волја за компромис. Да се концентрираат на иднината и на она што ги обединува двете земји, а не на она што не разделува, рече градоначалникот на Атина.

Од Атина двајцата најавија дека Каминис ќе оставри возвратна посета на Скопје, а ќе биде потпишан и меморандум за соработка во повеќе области. Веќе следната седмица, работна група од општина Атина, ќе биде во Скопје во рамките на европска програма во која учествуваат двата града. 

Градоначалникот на Скопје на присутните им се обрати на грчки јазик, по што доби силен аплауз на отворената сцена. Натаму, обраќањето продолжи на англиски јазик.

 

 

 

10.02.2018 - 10:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега