Груевски: За разлика од Заев мене не ми се гади од судиите

Судскиот совет во предметот ТНТ се предомисли. Откако на минатото рочиште му наложи на Специјалното обвинителство да им ги достават на адвокатите сите телефонски разговори и смс пораки кои ќе се користат како доказ, денес судот ја промени одлуката. Наместо да им се предадат, адвокатите ќе можат во секој момент овие докази да ги слушаат во просториите на судот. Ваквата одлука судијата ја образложи со претпоставка дека во телефонските разговори има и приватни работи на обвинетите кои не би требало да излезат во јавност.

На ова жестоко реагираа и адвокатите и обвинетите Груевски и Јанакиевски. Според екс-премиерот, очигледен е притисокот и двојните аршини на судот.

- Пред некој ден прочитав како на брифингот со новинарите Заев кажал дека му се гади од судиите. Јас нема да го кажам тоа, но ќе кажам дека она што денеска можевте да го чуете беше нешто што не се случува секој ден во судовите, туку е специјално само за нас. Судијата пет пати повтори дека доказите ќе ни бидат врачени на 2 февруари. Не само што не ни ги врачи доказите, туку денеска судиите си ја поништија својата одлука, односно задолжувањето што му го дадоа на СЈО, без никој да им го бара тоа. Ниту СЈО го побара, барем јавно не, можеби зад кулисите го побарале, ниту пак ние го побаравме. Си донесеа одлука сами да си ја поништат својата одлука од пред 14 дена, рече Груевски.

На барање на адвокатите, денешното рочиште се одложи за 15 февруари. Во судница Груевски реагираше и на начинот на кои се закажуваат судењата, бидејќи за три различни предмети, следната недела има пет закажани рочишта.

Груевски, Јанакивески, поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски и 4 други лица, се обвинети за незаконско рушење на објектот Космос на Фијат Цаноски. СЈО тврди дека објектот е урнат поради политички мотивирана одмазда, но обвинетите се изјаснија за невини. На минатото рочиште Цаноски најави и побарување на оштета од над 50 милиони евра.

 

 

 

09.02.2018 - 17:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега