Младите лекари заминуваат од земјава, за неколку години ќе нема матични лекари и педијатри

По завршувањето на студиите, младите лекари заминуваат да работат во странство.

Според податоците на Лекарската Комора, од 220 студенти кои завршуваат медицина во Скопје, дури 173 бараат да одат да работат во странство, објави Сител. Еснафските здруженија алармираат дека ако продолжи овој тренд, за неколку години ќе нема доволен број на матични лекари и педијатри за најмладите. Тие бараат да  добијат повеќе пари и подобри услови за да можат да го задржат младиот кадар во земјава. Од Комората предупредуваат дека старосната граница кај матичните е 59 години.

- За три години ќе имаме проблем ако не се направи нешто, ако тие луѓе не се стимулираат да бидат матични лекари а не доктори во странство. За тоа се и овие средби, да бидат мотивирани да останат во државата. Ние луѓето што  ги школуваме овде треба и да ги задржиме, вели др. Калина Гривчева Старделова, претседател на ЛКМ.

Одливот на кадар беше една од темите на кои денеска разговараа лекарската Комора и министерот за здравство. Најавија нова стратегија, но не кажаа со кои мерки ќе ги задржат помладите колеги.

Во меѓувреме, здруженијата на лекари од примарната здравствена заштита преговараат со Фондот и министерството. Матичните бараа минимална партиципација и промена на казнената политика, гинеколозите реагираат дека апаратите се скапи и им требаат повеќе пари а на дополнителен пакет инсистираат и педијатрите, кои според проценките, до 2020 ќе бидат само 13 во примарното здравство.

 

 

 

 

08.02.2018 - 16:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега