За утре најавен масовен протест во Солун:„Ќе го бранат името Македонија“

Под силни безбедносни мерки, со затворени улици и метро станици утре на плоштадот Синтагма пред грчкиот парламент, јавува дописникот на МИА од Атина, ќе се одржи долго најавуваниот протест. Сите погледи во Грција се вперени кон собирот.

Грците, според најавите масовно „ќе го бранат името Македонија“.  Од сите краишта на земјата, организирани со автобуси, бесплатно или по цени со 50 отсто попуст, ќе пристигнат во „еднодневна екскурзија“ во грчката престолнина. „Солун кажа, на ред е Атина да извика: Македонија е една и грчка“, порачаа организаторите на протестот во видео повикот, објавен на социјалните мрежи, а уште од вчера започнаа со подготовките на Синтагма. Поставија звучници на централните улици, а денеска се подготвува бината. Паралелно со организаторите, се подготвуваше и грчката полиција. В недела ќе бидат затворени три метро станици и речиси сите улици околу плоштадот Синтагма, а граѓаните кои што ќе сакаат да учествуваат во протестот, за да стигнат до центарот на Атина, веројатно ќе имаат само една опција – пеш.

Најавите од организаторите, преку грчките медиуми се дека од цела Грција, во Атина ќе стигнат 2000-2500 автобуси, од Солун најавија дека на секои пет минути ќе тргнува по еден автобус за Атина, а доколку овие најави се остварат и доколку во секој автобус има во просек 50 лица тогаш само од останатите градови и села, во Атина ќе пристигнат од 100 до 125 илјади Грци. 

Според изјавите на организаторите за грчките медиуми од изминатиот период, процените се дека в недела на собирот ќе има најмалку 1 милион граѓани.

На присутните или лично или преку снимена порака со поздравен говор ќе им се обрати познатиот грчки композитор Микис Теодоракис, а говорници ќе бидат и професор по уставно право, тројца митрополити од ГПЦ и претставници на организаторите.

На плоштадот Синтагма ќе има и политичари. Пратеници од Нова демократија, од Независни Грци – коалициониот партнер во владата, од Сојуз на централисти, јавно јасно и гласно, преку грчките медиуми најавија дека ќе учествуваат во протестот.

 

 

 

03.02.2018 - 13:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа