Иванов -Муижниекс: Македонија негува највисоки стандарди во заштитата на човековите права

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов и комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Муижниекс на денешната средба размениле мислења за тековните реформски процеси во Република Македонија, владеењето на правото и состојбите од аспект на почитување на човековите права.

Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, посочил дека Република Македонија негува највисоки стандарди во заштитата на човековите права и правата на заедниците, оценувајќи дека како унитарна држава со мултиетничко општетство, таа е најпозитивниот пример во регионот со својот модел на почитување на различностите.

На средбата биле разменети мислења и за новиот Закон за употреба на јазиците, при што македонскиот претседател ги повтори аргументите поврзани со неговата одлука да не го потпише указот за негово прогласување.

Претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија има активна улога и дава суштински придонес во работата на Советот на Европа во насока на промовирање на свеста и почитување на човековите права и е целосно посветена на исполнување на стандардите содржани во Европската конвенција за човекови права.

- Република Македонија останува цврсто определена за натамошна промоција на дефинираните стандарди за човековите права на меѓународно ниво и ќе соработува со земјите-членки на Советот на Европа во отворена и конструктивна атмосфера, со цел исполнување на целите и приоритетите, порачал македонскиот претседател.  

Претседателот Иванов ја изразил подготвеноста на Република Македонија да ја продолжи блиската соработка со Канцеларијата на новиот комесар за човекови права на Советот на Европа. 

 

 

 

01.02.2018 - 14:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега