Емотивниот говор на Трамп на Конгресот предизвика тага кај присутните

Американскиот претседател Доналд Трамп во своето синоќешно годишно обраќање за „Состојбата на Унијата“ ја повика Демократската партија да му се придружи и да поддржи некои од неговите политики, кои, како што рече, ја подобруваат економијата, а особено околу пакетот закони за имиграцијата.

Во изборната кампања Трамп ветуваше изградба на ѕид на границата и депортирање на илегалните имигранти.

- Кога сте бизнисмен, не мора да мислите на срцето. Може да се посветите само на парите. Прашањето на имиграцијата би било многу лесно да се реши да беше само бизнис прашање, но не е. Мислам дека тоа е нешто што го научив, дека мора да ги внесеме и нашите срца и души во одлуките, изјави Трамп, повторно нудејќи го своето компромисно решение - Конгресот да му одобри пари за изградба на ѕидот и за построга гранична контрола, а во замена за тоа, да се легализира престојот во САД на околу два милиони илегални имигранти кои дошле во земјата кога биле малолетници.

Зборувајќи пред членовите на два дома на Конгресот и други високи гости, Трамп нагласи дека „Америка е држава со сочуство“.

Доналд Трамп Состојба на Унијата

- Но, како претседател на САД мојата највисока лојалност, моето најголемо сочуство и мојата постојана грижа се америкаските деца, американските работници кои не можат да најдат работа, американските заборавени заедници, изјави Трамп.

Значителен дел од обраќањето на Трамп беше посветен на економските резултати од првата година на власт и сериозните најави за нови инвестиции по измените на даночната политика.

Претседателот особено се фокусираше на зголемента стапка на вработеност на Афроамериканците, укажаувајќи дека републиканските политики се подобри за нивната положба во САД, иако тие традиционално гласаат за демократите.

- Од мојот избор, создадовме 2,4 милиони нови работни места, од кои 200.000 беа во индустријата. По години и години на намалување на платите, конечно гледаме дека платите растат, изјави Трамп.

Доналд Трамп Состојба на Унијата

Во надворешно-политичкиот дел од говорот, Трамп поосебно го поздрави гостинот на обраќањето, Ји Сеонг-хо, Севернокореец кој успеал да побегне од неговата земја при што загубил една нога.

Трамп ги засили санкциите кон Северна Кореја, откако Пјонгјанг изврши серија ракетни проби.

За време на обраќањето, републиканските конгресмени гласно аплаудираа, а некои од демократските конгресмени возвратија со протестно напуштање на салата. При повикот да се покаже партиско единство, безмалку целата сала стана на нозе да аплаудира, освен водачот на конгресната група на Демократската партија, Ненси Пелоси. Официјалниот одговор на обраќањето на Трамп, во име на Демократската партија, го даде конгресменот Џозеф Кенеди Третиот.

- Претседателот Трамп нуди визија за Америка во која никој не може да победи ако некој друг не загуби, изјави Кенеди. 

 

 

 

31.01.2018 - 10:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа