Ахмети за Катимерини: Решение за името според моделот на Договорот со Бугарија

Според моделот на Договорот за добрососедство со Бугарија, со консензус меѓу двете влади, а потоа ратификација во двете собранија, да се затвори прашањето за името, предлага лидерот на ДУИ Али Ахмети во интервју за „Катимерини“.

Тој, вели дека подобро време за договор од сега не постои и објаснува дека владата ќе преговара за да се постигне договор, а не само за да преговара. Под наслов „Решение сега, без референдум“, неделното издание на грчкиот весник „Катимерини“, јавува дописникот на МИА од Атина, ги пренесува ставовите на претседателот на ДУИ, Али Ахметиво врска со преговорите за името меѓу двете земји.

-Најдобар начин за затворање на ова прашање е моделот на Договорот за добрососедство меѓу Скопје и Софија, преку консензус меѓу двете влади, а потоа ратификација во двете собранија, вели Али Ахмети во интервјуто за, објаснувајќи дека владата и опозицијата имаат историска одговорност да постигнат решение и да ги одведат граѓаните и земјата во НАТО и ЕУ.

-Ќе учествуваме во преговорите за да постигнеме решение, а не само за да преговараме. Потребно ни е решение, и нас во Скопје и вас во Атина. А подобро време од сега не постои, потенцира Ахмети, пренесува МИА.

Во однос на предлозите и идеите на Нимиц, вели дека владата заедно со опозицијата ги разгледува и се обидува да има позитивен и конструктивен пристап.

Лидерот на ДУИ, објаснува дека терминот „Македонија“ бил дел од предлозите и во 2008 во Букурешт, но и во 2011, во рамките на предлогот „Република Северна Македонија“.

-Терминот Македонија во името на нашата земја не претставува закана за територијалниот интегритет и суверенитет на Грција, вели Ахмети за „Катимерини“ и им порачува на Грците да бидат сигурни дека нашата земја нема никаква територијална или било каква друга претензија од нивната земја, и дека е апсурдно да се претпоставува такво нешто.

Ахмети предупредува дека не решавањето на проблемот може да ги негува старите ставови за нови граници на Балканот. 

 

 

 

28.01.2018 - 11:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега