Обама ќе го засили и прошири планираниот напад врз Сирија
Американскиот претседател Барак Обама се согласил да го засили интензитетот на планираниот напад врз Сирија за да ја добие поддршката на републиканските сенатори Џон Мекејн и Линдзи Греем, кои се влијателни во надворешно-политичките прашања во Сенатот, јавува МИА.
Во Вашингтон продолжуваат консултациите на Белата куќа со конгресмените со цел да се издејствува нивната поддршка за нападот, при што разните групи Мекејн и Греем се заканија дека нема да го поддржат барањето, доколку нападот врз Сирија навистина биде со ограничен обем и не придонесе за менување на односот на силите на теренот меѓу војската на диктаторот Башар ал Асад и бунтовничките сили, како што најави Обама.
По вчерашната средба со Обама во Белата куќа Мекејн и Греем најавија дека се задоволни со ветувањето на претседателот дека нападот ќе биде проширен кон авионите, артилериските системи и другите армиски цели кои се користат за хемиски напади, како и дека Обама ќе го интензивира вооружувањето на бунтовничките герилци и нивната обука од страна на ЦИА.
Пред повеќе од еден месец, по првите хемиски напади на Асад, Конгресот одобри барање на Обама да му дозволи да ги вооружува и обучува сириските бунтовници, но оттогаш, според сенаторот Мекејн, скоро ништо не било сторено и дури неодамна била формирана првата бунтовничка единица од 50 борци обучени од ЦИА. И покрај ветувањето на Обама дека, во соработка со неговата советничка за национална безбедност Сузан Рајс конгресмените ќе можат да влијаат врз обемот на планираниот напад, изгласувањето на барањето на Обама се уште не е сигурно, особено во Претставничкиот дом на Конгресот.
- Доколку Конгресот гласа против резолуцијата тоа би било катастрофа, бидејќи би го поткопало кредибилитетот на Америка и на претседателот, изјави Мекејн по средбата.
И покрај тоа што Конгресот е на одмор, Комисијата за надворешни работи на Сенатот денес ќе одржи расправа за барањето на Обама за напад врз Сирија, додека истата Комисија на Претставничкиот дом ќе одржи расправа утре. Ќе сведочат државниот секретар Џон Кери, секретарот за одбрана Чак Хејгл и началникот на здружениот Генералштаб, генералот Мартин Демпси. Од нив се очекува да ги убедат конгресмените дека хемискиот напад извршен на 21 август бил извршен од страна на сирискиот режим и насочен против цивили при што над 1.400 од нив биле убиени.
Но, конгресмените не се многу поделени околу фактите на нападот, колку што имаат спротиставени ставови околу тоа како американската армија би требало да возврати. На вчерашниот конференциски разговор со над 120 конгресмени од Демократската партија, секретарот Кери предупредил дека доколку САД не реагираат, тоа може да ги охрабри Иран и Северна Кореја да продолжат со развојот на своите нуклеарни програми. Кери ги предупредил конгресмените дека САД не можат да си дозволат да постапат како на конференцијата во Минхен во 1938 година, кога Велика Британија и Франција ја препуштија судбината на тогашна Чехословачка на Хитлер.
Тоа е вторпат Кери да го спореди Асад со Хитлер, откако во неделата рече дека сирискиот диктатор, како Хитлер и ирачкиот диктатор Садам Хусеин, употребил хемиско оружје врз цивили. Кери ги убедувал конгресмените дека САД ќе имаат меѓународна поддршка за нападот, и покрај одбивањето дури и на Велика Британија да земе учество. Според Кери, можно е Лондон да го смени ставот, додека покрај Франција, поддршка ќе дојде од Турција, Саудиска Арабија, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати.
Генералот Демпси одговарал на прашања на конгресмени загрижени дека поради оддолжувањето на воениот напад веројатно длабоко во следната недела, армијата на Асад има време да ги испразни касарните кои може да бидат на удар, и да распореди дел од воените системи во цивилни цели. Според Демпси, оддолжувањето нема да влијае негативно врз воената акција.
Значителен дел од антивоените конгресмени се загрижени дека барањето на Обама, како што е формулирано сега, му дава премногу одврзани раце да ја прошири и продолжи воената операција во недоглед.
- Резолуцијата и начинот на кој е составена е многу општа и мора да биде конкретизирана во однос на обемот на нападите и нивното времетраење, побара демократскиот конгресмен Крис ван Холен, по телефонскиот разговор со Кери и високите претставници на Белата куќа.
Во вакви услови, безбедносниот и политичкиот тим на Обама се ангажирани за директно убедување на стотината сенатори и 435 членови на Претставничкиот дом, со директни телефонски повици и состаноци со тие кои се спротиставуваат на барањето. Времето за убедување на конгресмените е кратко, Обама утре заминува за Шведска, а потоа и за Русија каде треба да учествува на самитот Г20.