Беличанец – Алексиќ сака да ги врати учениците во подрачните училишта

За 5.000 ученици од општина Кисела Вода, денеска почна новата учебна година. Вкупно 570 првачиња денеска седнаа во училишните клупи, во осумте основни училишта во општината. Градоначалникот Билјана Беличанец-Алексиќ денеска присуствуваше на првиот училиштен час во реконструираното подрачно училиште „Круме Кепески” во нас. Припор, каде со првачињата и нивните родители ја проследи свечената приредба за почетокот на новата учебна година.

- Денес на официјалниот почеток на новата учебна година, општина Кисела Вода гордо ја пречекува новата генерација на првачиња што говори многу за нашата традиција и фактот дека многу познати и успешни личности од јавниот, општествениот и политичкиот живот своето основно образование го стекнале токму овде, во нашата општина, што кажува за квалитетот на воспитно-образовниот кадар со кој располагаме, низ сите овие години на постоење и работење на училиштата во општината, рече градоначалникот Беличанец – Алексиќ во своето обраќање.

Таа им порача на првачињата да се трудат да бидат добри ученици и да ги прифатат наставниците како втори родители, а на родителите им порача дека општината ќе продолжи да се залага за создавање на одлични услови за одвивање на воспитно-образовниот процес во објектите на подрачните училишта, со единствена цел-ученците да се вратат во подрачните училишта и да ги растоварат објектите на централните училишта.

- Вие сте нашето најголемо богатство. И во Вас сите ние ја гледаме иднината на нашата општина, иднината на нашата татковина. Дозволете ми да ви го честитам првиот училишен ден, да Ви посакам многу здравје, среќа, радост и многу успеси на кои сите ние, верувам еден ден ќе бидеме горди, додаде Беличанец – Алексиќ, официјално означувајќи го почетокот на новата учебна година.

Годинава, 17 првачиња седнаа во новите училишни клупи во подрачното училиште „Круме Кепески”, кое неодамна целосно се реконструираше со средства од општината Кисела Вода и Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје. Ова подрачно училиште е изградено во 1982 година и оттогаш до денес не се извршени никакви реконструкции. Токму затоа, градоначалникот Билјана Беличанец – Алексиќ во изминатиот период лично се заложи за интензивни реконструктивни зафати во објектите на основните училишта и градинките, за што побара помош и од дипломатските претставништва во земјава. Први на поканата за соработка се јавија претставниците на Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје со чија донација од околу 5.700 евра се изврши варосување на сите училници, замена на подот во една училница и поставување нови училишни клупи и столчиња во две училници во ова подрачно училиште, додека пак општината Кисела Вода изврши промена на прозорците, за што од својот буџет издвои 11.870 евра.

Во завршна фаза се градежните работи за промена на покривот во градинката „8-ми Март” во Пржино, а во тек е изработка на проектно-техничка документација за реконструкција на објектот на подрачното училиште „Круме Кепески” и преадаптирање на простории за градинка. Дополнително, во насока на имплементација на политиката на градоначалникот на општина Кисела Вода за враќање на децата во подрачните училишта, ќе следуваат активности за реконструкција и на подрачното основно училиште „Кузман Јосифовски – Питу” во населба Црниче.

02.09.2013 - 13:18
Фото: 
канал 5

најчитано сега