Сирија до ОН: Не и дозволувајте на Америка да нé нападне
Официјален Дамаск побара од Обединетите нации да спречи секаков вид на агресија врз Сирија, откако американскиот претседател Барак Обама повика на напад на сириската армија како одговор на наводните напади со хемиско оружје.
Сирискиот претставник во ОН Башар Џафари во писмо до генералниот секретар Бан Ки-мун и претседавачот со Советот за безбедност на ОН Марија Кристин Персевал го повика генералниот секретар да го преземе својот дел од одговорноста во спречување на секаков вид агресија врз Сирија и да продолжи со напорите за постигнување политичко решение за кризата во земјата, објави сириската државна агенција САНА.
Џафари, исто така, го повика СБ на ОН да продолжи со својата улога на безбедносен вентил за спречување на апсурдна употреба на сила, што излегува надвор од рамките на меѓународниот легитимитет.
Сирискиот претставник во ОН нагласи дека САД треба да играат улога на покровител на мирот и партнери на Русија во подготовките на меѓународна конференција за Сирија, а не улога на држава што користи сила против секој што се противи на нивната политика.