Израел подготвен за секакво сценарио во Сирија

 

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави денеска дека Израел е подготвен за секакво можно сценарио во соседна Сирија, откако американскиот претседател Барак Обама ја одложи употребата на сила врз режимот во Сирија.

„Израел е спокоен и сигурен во себе, граѓаните на Израел знаат дека сме подготвени за секакво можно сценарио, изјави тој пред министрите, пред почетокот на состанокот на кабинетот, пренесуван на јавното радио.

Во земјата постојат стравувања дека нападот врз Сирија би можел да го поттикне сирискиот претседател Башар ал Асад или неговите либански сојузници, групата Хезболах, на освета против соседен Израел, водечки сојузник на САД во тој дел од светот.

- Нашите непријатели имаат многу добри причини да не ги тестираат нашите сили, да не ја тестираат нашата моќ, порача Нетанјаху, додавајќи дека „тие знаат зошто“.

Нетанјаху и претседателот на Израел Шимон Перес инсистираат на тоа Израел да не биде вовлечен во крвавиот конфликт во Сирија, но дека ќе одговори ако биде нападнат. 

01.09.2013 - 14:11

најчитано сега