Конгресмените поделени за нападот врз Сирија

 

 По најавата на претседателот на САД Барак Обама дека донел одлука за напад врз Сирија, но дека за тоа ќе бара согласност од Конгресот, поделени се реакциите меѓу конгресмените. Дел од нив изразуваат поддршка и веднаш се враќаат во Вашингтон од колективниот годишен одмор на кој се до 9 септември, други веќе најавија дека ќе гласаат против барањето, јавува МИА.

Откако спикерот на Сенатот Хери Рид од Демократската партија најави дека ќе го свика Сенатот да се врати порано од одмор, и претседавачот со Комисијата на Сенатот за надворешни прашања Боб Менендез порача дека за барањето на претседателот Обама ќе се разговара уште во вторник.

Барањето на Белата куќа му дава согласност на претседателот да ги употреби воените сили на САД за да спречи употреба на оружја за масовно уништување во Сирија или нивно пренесување кон други држави или терористички групи, како и за заштита на САД и американските сојузници и партнери против заканата која овие оружја ја претставуваат. Во барањето не е предвидено армијата на САД да се употреби за уривање на режимот на Башар ал Асад.

Републиканските сенатори Џон Мекејн и Линдзи Греем, кои се меѓу водечките сенатори во областа на надворешната политика и безбедноста, веднаш оценија дека не можат да го поддржат барањето на Обама за напад врз Сирија доколку со него не се направи обид за уривање на Асад.

Мекејн, кој неодамна дури и влезе на сириска територија за да се сретне со бунтовниците, се залага САД силно да ги поддржат нивните единици со доставување на оружје и со воена интервнеција, притоа обвинувајќи го Обама дека противниците на Асад од него добиле само бајати војнички порции.

- Не можеме со мирна совест да поддржиме изолирани воени напади врз Сирија кои не се дел од поширока стратегија која ќе го смени односот на силите на бојното поле и ќе ја оствари декларираната цел на претседателот за симнување на Асад од власт, пишува во заедничкото соопштение на сенаторите Мекејн и Греем. Со ова, тие неочекувано се приклучија на либертаријанското крило предводено од републиканецот Ренд Пол, кој се спротиставува на акцијата поради барањето за повлечена улога на САД во светот, но и обвинувањата дека сириската опозиција е полна со радикални исламисти.

Демократите во Сенатот, кои се во мнозинство, засега се повоздржани во најавите дали ќе гласаат за или против барањето на претседателот, кој со нападот сака да ја казни Сирија за хемискиот напад врз цивили во кој беа убиени над 1.400 лица. Од едната страна, се очекува нивното раководство да го поддржи својот претседател, но кај демократите има и силни анти-воени чувства уште до времето кога оваа партија се организираше против претседателот Џорџ В. Буш и војната во Ирак. Некои од членовите на највисокото раководство на демократите, како сенаторот Карл Левин кој претседава со Комисијата за вооружени сили, побара да се почека извештајот на Обединетите нации за хемискиот напад, како и да се работи на формирање поширока меѓународна коалиција, во која засега најавена е само Франција.

Во Претставничкиот дом, пак, каде мнозинството на гласови го држат републиканците, засега нема најава за враќање порано од одмор, иако е потребна согласноста на двата дома на Конгресот за да се донесе одлука. Елиот Енгел кој е прв демократ во Комисијата за надворешни прашања на Претставничкиот дом, побара ова тело да биде свикано што е
можно поскоро. Но, Џон Бојнер, спикерот на Претставничкиот дом, во заедничка изјава со водечките републикански во Конгресот, рече дека седницата ќе се одржи во неделата што почнува на 9 септември. Стотина конгресмени побараа од Обама да побара дозвола од Конгресот пред да ја нападне Сирија, но дури и откако претседателот го стори токму тоа, во Претставничкиот дом има и критики на неговиот став.

- Претседателот Обама абдицира од својата одговорност како врховен командант и го поткопува авторитетот на идните претседатели. На претседателот не му е потребна согласност на Конгресот за нападот врз Сирија, изјави републиканскиот конгресмен Питер Кинг.

Притоа, големи критики донесе одлуката на Обама, веднаш по говорот во Белата куќа во која најави војна, да замине заедно со потпретседателот Џо Бајден на партија голф на терен во близината на Вашингтон. 

01.09.2013 - 10:45

најчитано сега