(ВИДЕО) Заев: СДСМ не бега од избори

 

-За нас, за граѓаните на Република Македонија и за меѓународната заедница Уставот беше прекршен на 24 декември 2012 година, изјави денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Тоа, вели Заев, е потврдено со потписите токму на двете политички партии, вклучително и на претседателот на комисијата Борче Давитковски.

Според него, Груевски е тој кој уште во март месец избега од предвремени парламентарни избори.

-СДСМ никогаш не бега од избори. Ние сме секогаш подготвени да учествуваме на избори, но потенцирам, никогаш повеќе нема да дозволиме организирање на уште едни криминални избори! Затоа, го повикувам Груевски,  директно, не формално, туку суштински, заедно со опозицијата и пред се со институциите на системот, да се вклучат во прочистување на Избирачкиот список до крај и во вградување на сите препораки од ОБСЕ и на ОДИХР во изборното законодавство, вели Заев, додавајќи дека тоа според него е препорака од мартовскиот договор и наша обврска како земја. 

 

Штом тоа ќе биде завршено, рече лидерот на СДСМ, веднаш можеме да го прецизираме терминот за одржување парламентарни избори и со најбрзата процедура за организација на ваквите парламентарни избори.

 

-Треба да знае и Груевски, но и граѓаните дека во фер и конкурентни натпревари и создадени услови, на секого ќе му биде јасно колку лесно ќе биде поразена оваа власт, вели Заев.

 

 

30.08.2013 - 14:04

најчитано сега