Заев-Рама: Македонија и Албанија очекуваат идната година да ги почнат преговорите за членство во ЕУ

Република Македонија и Република Албанија очекуваат наредната 2018 година да ги започнат преговорите за зачленување во Европската Унија, да го искористат моментот на позитивна клима во регионот за напредок во тој процес. Тоа беше главната порака што ја испратија премиерите Зоран Заев и Еди Рама од Подградец каде денеска се одржа првата заедничка седница на Владите на двете држави.

- Со перспективите што ги отвараме за унапредување на меѓусебната поврзаност и инфраструктурата, за олеснување на размената на стоки и услуги, како и за зајакнување на соработката во областа на безбедноста одиме уште еден чекор понапред во процесите кон подобра европска иднина, истакна претседателот на Владата на РМ Заев на заедничката прес-конференција.

Премиерот Заев нагласи дека владите на двете држави работат искрено, отчетно и транспарентно за подобрување на животот на граѓаните на двете земји и за безбедна просперитетна иднина во евроатлантското семејство, јави известувачот на МИА од Подградец.

- Европските и НАТО интеграции не се само политичка определба туку и економска потреба за граѓаните на нашите две држави... Денеска беа потпишани многу значајни договори, меморандуми, заокружена уште една соработка во полето на безбедноста, во областа на меѓународната соработка, културата, образованието и во полето на владината соработка преку заедничката Декларација што ја потпишавме, истакна македонскиот премиер.

Албанскиот премиер Рама рече дека оваа седница е потврда на издигнувањето на повисоко ниво на соработката меѓу двете држави, во интерес на двата народи.

- Постои целосна билатерална усогласеност во насока на создавање регионална зона со поефикасно поврзување меѓу двете држави... Проектите како далноводот меѓу двете земји, оној за железничко поврзување, за културна соработка влева оптимизам дека ќе придонесат за унапредување на протокот на луѓе и капитал, привлекување инвестиции, истакна Рама.

Тој ја поздрави решеноста на македонската Влада за усвојување на Законот за унапредување на употребата на јазиците, за кој оцени дека дефинитивно ќе биде уште еден чекор напред во натамошно подобрување на севкупните пријателски односи меѓу двете држави. 

 

 

 

15.12.2017 - 17:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега