Заев - Рама: Постои наклонетост кај членките на ЕУ за пристапување на Западен Балкан кон Унијата

 

Постои наклонетост на земјите членки на ЕУ за пристапување на земјите од Западен Балкан кон Унијата, а отворени се шансите и за НАТО интеграциите за Македонија, изјави премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама во Поградец. 

- Јас знам дека Република Македонија и Република Албанија ја споделуваат визијата за просперитетен и меѓусебно поврзан регион интегриран во ЕУ и НАТО. Само би додал дека многу значи за нашата држава и за нашите граѓани поддршката на Албанија на тој пат. Во таа насока изразувам благодарност на Република Албанија за континуираната поддршка за нашите НАТО интеграции, истакна Заев.

Тој изрази благодарност до целата Влада и посебно, како што рече до премиерот Еди Рама.

- Пред Република Македонија, како и пред сите земји од регионот стои обврската да ги исполнат критериумите што демонстрираат демократско зрело општество со независно судство, слободни медиуми, институции во служба на граѓаните, со ефикасна и професионална администрација, истакна Заев.

Посветени сме, посочи Заев, на изградба на граѓанско општество со еднакви можности за сите, релаксирани меѓуетнички односи и целосно преточување на Охридскиот рамковен договор во пракса.

- Уверени сме дека различностите не прават посилни, а не послаби во овие заложби.  Следните неколку месеци може да бидат клучни за Република Македонија и во поглед на напредокот на ЕУ и на членството во НАТО, истакна македонскиот премиер.

Албанскиот премиер Еди Рама од своја страна на заедничката прес конференција истаклна дека двете влади се на заедничката средба за да ги покренат на повисоко ниво односите меѓу двете земји.

-Ова бара заедничка стратешка ориентација. Како две соседни земји, имаме должност да понудиме повеќе развој и да работиме за поголем просперитет за нашите граѓани, рече  албанскиот  премиерот.

Според него, во развојот на натамошната соработка меѓу двете земји посебно го нагласи слободното движење на стоките, како и олеснувањето на царинските процедури меѓу двете земји.

Рама, исто така,  зборуваше и за заложбата за модернизација на патната, железничката и енергетската инфраструктура.

 

 

 

15.12.2017 - 16:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега