Заев: Македонија може да биде транспортен центар на Балканот

 

Македонија сака да учествува во сите регионални проекти и може да биде транспортен центар на Балканот зашто преку неа поминуваат два важни коридора, 8 и 10, истакна македонскиот премиер Зоран Заев на  меѓународната конференција „Посилна регионална интеграција на Балканот“, што се одржува во Софија.

Заев посочи дека преку Македонија со Коридорот 8 се поврзуваат Црното и Јадранското Море, односно Бугарија и Албанија, а со Коридорот 10 Грција и Централна Европа. Заев очекува соработката во регионот и неговото приближување кон ЕУ да биде уште повеќе забрзано за време на претстојното претседавање на Бугарија со Унијата.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој ја отвори конференцијата, повика на поголемо единство на земјите од регионот што, според него, ќе ја забрза неговата евроинтеграција.

- Имаме ретка шанса да ги убедиме колегите во Брисел дека ние носиме и мудрост, а не само проблеми. Историјата си е историја и има кој да ја коментира. ЕУ ќе не разбере само ако ние покажеме единство. Европа си има доволно проблеми со Брегзит и не и се потребни нови. Ние треба да настапиме пред Брисел со добри инфраструктурни проекти, со коридорите 8 и 10 и со проекти за дигитална инфраструктура, изјави Борисов.

Главниот извршен директор на Светска банка Кристалина Георгиева најави дека Банката е подготвена да издвои 200 милиони долари за проекти за развој на трговијата и транспортот на Балканот. Истакна дека има огромен потенцијал во интеграцијата на земјите од регионот што може да почне да се покажува уште со претстојното бугарско претседавање со ЕУ.

Светска банка, како што наведе, ќе се фокусира посериозно на транспортниот и на ИТ- секторот во регионот.

На конференцијата во Софија се разговара за гранични олеснувања во регионот, за интензивирање на трговијата, како и за регионални ИТ и технолошки кластери, а учествуваат и претседателите на Црна Гора и на Косово, Филип Вујановиќ и Хашим Тачи, вицпремиерот и министер за трговија на БиХ Мирко Шаровиќ, како еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.

 

 

 

07.12.2017 - 12:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега